Според Ковачевски, прво треба да се дојде до решение кое ќе направи фер вреднување на работата на секого и дека тоа е едната опција, а другата опција, како што рече, е да се оди во сосема друг правец и да се прави популистичко решение
Работната група која ќе работи на корекција на Законот за платите на функционерите треба да ги има на располагање сите аспекти бидејќи се работи за два закони со кои се регулираат платите на избраните и именувани лица и на пратениците. Прво треба да се дојде до решение кое ќе направи фер вреднување на работата на секого, смета премиерот Димитар Ковачевски.
Ковачевски вели дека сепак треба да се почека да биде подготвено решението од страна на работната група, а потоа ќе може да се разговара за него.
„Платите на функционерите се регулираат со два закони. Тоа е законот за именувани и избрани функционери со кој се регулира платата на претседателот на државата, претседателот на Собранието, на членовите на Владата, на сите градоначалници, на сите судии, обвинители и Закон за пратеници во кој се регулирани платите на пратениците. Прво треба да се дојде до решение кое ќе направи фер вреднување на работата на секого. Тоа е едната опција. Другата опција е да се оди во сосема друг правец и да се прави популистичко решение“,
рече Ковачевски денеска одговарајќи на новинарско прашање при неговата денешна посета на компанијата „Глобус“.
Според него, досега две популистички решенија имаат паднато на Уставен суд.
„Едното беше кога беа замрзнати платите на функционерите и кога секретарка во АЕК имаше поголема плата од министер за финансии или од претседател на држава. Другото решение беше кога се отиде во уште една крајност, а тоа е кога се кажа дека функционерите ќе земаат минимална плата, а Уставниот суд исто така го поништи бидејќи во државата постои систем на плати кој не може да биде дерогиран“,
рече Ковачевски.
Во однос на вчерашната изјава на министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој изјави: „не мислам дека е за фалење кога политичарите велат оти не им е важна платата бидејќи со тоа на некој начин кажуваат дека не живеат само од платата“ , Ковачевски рече дека се согласува со него бидејќи луѓето работат за плата.
„Има некои што велат дека би работеле без плата, а јас не верувам во човек што би работел без плата. Имам 25-годишно работно искуство и не верувам во луѓе што се подготвени да работат без плата“,
додаде Ковачевски.
Министерот за економија Крешник Бектеши, кој денеска беше со премиерот Ковачевски во посета на компанијата, на прашањето дали се согласува да му биде намалена платата рече дека како член на Владата ќе го прифати решението кое ќе го донесе работната група.
„Ако работната група одлучи за некое намалување или замрзнување на платите, од моја страна ќе биде целосно поддржано како член на Влада“,
рече Бектеши додавајќи дека неговите приходи се објавени во анкетниот лист.
Премиерот Ковачевски вчера најави дека во наредните една-две недели треба да има решение за висината на платите на избраните и именуваните функционери, а кое ќе биде прифатливо, одржливо и нема да биде предмет на поништување од страна на Уставниот суд. Ресорните министри, кои се дел од работната група, добиле задолжение до идната недела да подготват работен материјал.
Корекција на Законот за платите на функционерите пред три дена најави и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, кој рече дека дел од средствата ќе се пренаменат за антикризни мерки за најранливите категории граѓани.