Одговарајќи на новинарско прашање зошто излегува дека во наредните пет години државата ќе треба да враќа две милијарди евра повеќе во однос на претходните проекции, министерката во пообемниот одговор се осврна на просечната рочност на портфолиото на државата, кое, како што кажа, за жал е некаде околу три години
Државата во наредните пет години, почнувајќи од тековната, ќе треба да врати околу 8,8 милијарди евра, колку што изнесуваат вкупните обврски за отплата од задолжувањата кои доспеваат во овој период.
Ова денеска, меѓу другото, го соопшти министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, која на прес-конференција информира за деталите околу вчерашната, како што ја оцени, успешна аукција на еврообврзницата која е поделeна на две транши од по 500 милиони евра, од кои едната е со рок да доспевање од четири, а другата на осум години.

Издавањето на оваа еврообврзница, како што наведе министерката, е целосно планирано и проектирано во буџетот за 2026 година, како и во ревидираната Стратегија за управување со јавниот долг.
„Ова значи дека иако номиналниот износ за задолжувањето изнесува една милијарда евра во текот на 2026 година Министерството за финансии ќе изврши отплата на обврски само по основ на надворешниот долг од околу 893 милиони евра. Со тоа ефектот врз јавниот долг е значително понизок и целосно усогласен со среднорочната фискална рамка“,
рече министерката.
Во овој контекст да ја наведе и динамиката на доспевање на обврските за отплата на долговите на државата од претходните задолжувања и тие како што наведе таа, во 2026 година изнесуваат 1 563 000 000 евра, плус обврзниците на домашните пазар што доспеваат и се со рочност од една година. Во 2027 година обврските изнесуваат 1 579 000 000 евра, плус повторно износот на државни хартии од вредност кој доспеваат во една година, во 2028 година износот е 1 971 000 000 евра, во 2029 година – 1 304 000 000 евра, во 2030 година – 1 414 000 000 евра. Или за вкупно пет години, без оние коишто доспеваат вообичаено и се дванесетмесечни државни хартии од вредност, вкупниот износ којшто доспева е 8 милијарди 804 милиони евра“, наведе Димитриеска-Кочоска.
Како што кажа таа, една од целите на издавањето на последната еврообврзница, односно роковите на доспевањето на траншите, е да се постигне рамномерно распределување на доспевањата и во намалувањето на ризиците поврзани со концентрацијата на отплати во поединечните години.
„Дозволете ми да истакнам дека при носењето на оваа одлука водечко начело беше одговорноста, не само кон тековната фискална состојба, туку и кон иднините генерации. Нашата цел не е само редовно сервисирање на обврските, туку создавање стабилна и одржлива фискална рамка, со помал притисок од отплати и повеќе простор за суштински реформи. Министерството за финансии останува цврсто посветено на транспарентноста, фискалната дисциплина и реформската агенда во служба на граѓаните и долгорочниот развој на државата. Овој резултат е плод на тимска и макотрпна работа“,
рече министерката за финансии.
Одговарајќи на новинарско прашање зошто излегува дека во наредните пет години државата ќе треба да враќа две милијарди евра повеќе во однос на претходните проекции, министерката во пообемниот одговор се осврна на просечната рочност на портфолиото на државата, кое, како што кажа, за жал е некаде околу три години.
Во контекст на ова, таа претходно наведе дека тоа се должи на кратките рокови на доспевање на обврзниците што биле издавани претходните години.
„Ако ги погледнеме рочностите на еврообврзниците во последните години, а тоа беа сè кратки рокови со цел да се оптовари некоја нова влада што ќе дојде, па еве мене ми се падна товарот секоја година да имам огромни обврски да сервисирам. Меѓутоа за жал вкупната или просечната рочност на портфолиото на државата е некаде околу три години, што се страшно во споредба со она што можеме да го кажеме како некоја нормална рочност којашто ја имаат останатите земји, јас би рекла повеќе од Европската Унија, туку не би навлегувала каков е Балканот. И би рекла дека тука не треба да се споредуваме со никого, туку треба да си ја создаваме нашата стратегија како треба да изгледа рочноста на јавниот долг“,
рече Димитриеска-Кочоска.
Таа додаде дека и одлуката едната транша од обврзницата да биде на осум година била токму во таа насока – полека да се менува структурата на рочноста на јавниот долг.
„Лесно ќе ми беше мене вчера да имавме една еврообврзница од 950 милиони евра, да ја направевме со рочност од четири години како што мојот претходник направи со обврзницата во 2023 година, но тоа ќе значеше дека некој мој следен колега во Министерството за финансии ќе имаше сериозни потешкотии, или ајде не потешкотии, туку би рекла предизвици во сервисирањето на обврските, а сметам дека секој еден министер за финансии првин треба да гледа за граѓаните и за државата. Тука не сме за политика. Да, ќе добиевме пониски каматни стапки, ќе беше уште побомбастично денес дека поголем успех сум успеала да направам на вчерашната аукција, но во исто време повторно ќе создававме дополнителни ризици“,
рече таа.

Според Димитриеска-Кочоска, во овој период кога, како што кажа, има тензии насекаде во светот и не се знае што ќе се случи, одлуката да се издаде обврзница со рок на доспевање од четири, односно осум години, ќе има позитивно влијание. Тоа, како што додаде, треба да биде дел од финансиската стратегија на државата во иднина, односно рочноста на целото портфолио на јавниот долг или изложеноста полека да се зголемува.
Затоа, како што рече, поконкретно одговарајќи на новинарското прашање, се добива впечаток дека сумата што треба да се врати е зголемена бидејќи рочноста на задолжувањата изминатите години била кратка, односно долговите што треба да се отплатат доспеваат во кратки рокови.
„Да имавме подолги рочности, тогаш еден дел ќе го прочитавме дека и во 2031, 2032, 2033 ќе се враќаше, но за жал сè е собрано во краток временски период, пократок од пет години“,
изјави таа.
Прашана дополнително како, сепак, е можно за шест месеци да изникнат уште две милијарди јавен долг за враќање, министерката рече оти не може да станува збор за толкава сума, притоа додавајќи дека предвид треба да се земе и буџетскиот дефицит што се предвидува во следните години.
Во овој контекст таа наведе дека државата има повеќе од две милијарди одобрени кредити од 2018 и 2019 година, што сè уште не се пласирани.
„Но тие договори не се прекинати и нив ги предвидуваме во овој период, согласно динамиката. Ако во претходната фискална стратегија не сме можеле да ги предвидиме бидејќи динамиката на реализација била послаба, сега веќе во оваа фискална стратегија сме ги предвиделе и нив, и тие ја менуваат структурата. Ние од една до друга фискална стратегија имаме промени во тој дел“,
рече Димитриеска-Кочоска.
