За автобуската несреќа кај Ласкарци, судот издаде наредба за супервештачење на 11 ноември 2021 година, додека за случајот „Тендери“, каде што обвинета е ексминистерката Канческа-Милевска, наредбата беше издадена на 6 април годинава
Бавен е патот до супервештачења во дел од познатите судски постапки што се водат пред Основниот кривичен суд Скопје, покажуваат податоците што ги објави Коалицијата „Сите за правично судење“, која врши мониторинг на судењата.
„Основниот кривичен суд во Скопје за два судски предмети сè уште чека супервештачење. Едно од супервештачењата и по изминати повеќе од 300 дена сè уште не е изготвено, додека пак другото се изработува повеќе од 100 дена“,
објавија од Коалицијата.
Конкретно станува збор за предметот за автобуската несреќа кај скопското село Ласкарци, судски процес во кој 315 дена трае изработката на супервештачењето. Во случајот „Тендери“, пак, каде што обвинета е поранешната министерка за култура Елизабета Канческа-Милевска, супервештачењето се работи веќе 110 дена.

Од несреќата кај Ласкарци поминаа повеќе од три години и седум месеци. Во попладневните часови 13 февруари 2019 година автобус на „Дурмо турс“ кој возеше на редовна линија Скопје-Гостивар излета од патот. Загинаа 16 патници, а 37 беа повредени.
Судскиот процес за несреќата започна на 5 септември 2021 година, но и по повеќе од три години никако не може да се дојде ниту до првостепена пресуда. Обвинети се шест лица: сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари, и возачот на автобусот Маноил Трифуновски, како и тројца вработени во станицата за технички преглед. Првите тројца се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, додека останатите за соучество во истото дело.
За потсетување, за супервештачењето кое го нарача судот во декември 2021 година стигна информација дека факултетите во земјава одбиле да го вршат вештачењето. Од Техничкиот факултет во Битола тогаш го известиле судот дека го вратиле предметот бидејќи нивните лиценцирани вештачи за машинство се стручни само за енергетика и не можат да вештачат моторни возила, а другите нивни вешти лица веќе учествувале во претходното вештачење. Тогаш од судот рекоа дека контактирале со Универзитетот во Штип и Машинскиот факултет во Скопје, од каде што исто така биле известени дека тие немаат доволно лиценцирани вешти лица за сообраќајни возила кои не учествувале во претходните вештачења. Откако факултетите одбија, предметот беше испратен во Бирото за судски вештачења кои имаат можност да формираат тим од лиценцирани вешти лица кои ќе направат супервештачење.
Во случајот „Тендери“ пак, ексминистерката Канческа-Милевска и уште две други лица се гонат за злоупотреба на службената положба и овластувања. Канческа-Милевска се товари дека ѝ наложила на фирмата „Бетон-Штип“ да изведува градежни работи на музејот на ВМРО пред да се спроведе јавна набавка, а како основа бил искористен претходен тендер што го добила фирмата. Другите две обвинети, една претседателка, а една член на Комисијата за јавни набавки, според обвинението, со искористување на своите службени положби и овластувања, при вршење на јавни набавки, како соизвршители прибавиле за фирмата корист што се состои од незаконско повластување – фаворизирање за изведување на завршни градежни и градежно-занаетски работи.
Овој судски процес трае повеќе од четири и пол години. Воведните зборови на странките беа дадени на 13 март 2018 година. Покрај чекањето на супервештачењето, судењето за „Тендери“ најмалку петпати се враќаше на почетокот поради тоа што имаше промена на судија-поротник во судечкиот совет, како и поради тоа што поминуваа 90 дена од последното одржано рочиште.