На прашање на Обвинителството дали имала некаква информација за текот на лекувањето, таа рече дека од болницата немала никаква информација, каде е сместен и што се прави. Сведокот рече дека од болницата не побарале претходна согласност за методата што се спроведувала во лекувањето на нејзиниот татко и дека за многу работи дознала од отпусното писмо кое, како што рече, самата го побарала, пренесува МИА. При вкрстено испрашување од бранителот на обвинетиот Жан Митрев, адвокатот Никола Додевски, дали со фактот што го однела нејзиниот татко во најсовремена европска болница, а не била медицинско лице, била согласна да се лекува со сѐ, таа одговори одречно и посочи дека иако не е медицинско лице имала право да знае што ќе се применува при лекувањето
Во Основниот кривичен суд Скопје денеска продолжи судскиот процес против докторот Жан Митрев кој е обвинет за кривичното дело измама. На денешното рочиште се сослушуваа сведоци предложени од обвинителството, пренесува МИА.

Првиот сведок, чиј татко починал при лекување од коронавирусот во болницата „Жан Митрев“, одговарајќи на прашање на јавната обвинителка Иска Хаџи Василева, рече дека првиот впечаток ѝ бил дека станува збор за една од најдобрите болници и раскажа дека при приемот на нејзиниот татко ѝ било кажано дека мора истиот ден да ја уплати првичната сума за лекување.
Најмногу ја погодило, рече таа, тоа што татко ѝ имал очајна потреба од кислород, а никој не дошол да праша каква му е состојбата.
„Тоа што најмногу ме погоди е тоа што татко ми имаше очајна потреба од кислород, никој одозгора не се симна да праша каква е ситуацијата, дали има потреба од поддршка, не беше уредно преземан, само ги дадов парите и чекав на студено парите да бидат процесирани“,
рече таа.
По половина час, дополни таа, ѝ се јавиле дека ќе го преземат нејзиниот родител, но, како што рече, притоа никој не ѝ кажал каде ќе го носат.
Според сведокот, тоа бил последниот момент кога го видела татко ѝ жив, а при телефонски разговор со него цитираше дека ѝ рекол:
„Оставен сум на страна да умрам, спремајте се за најлошо, тука се сите растрчани, титкаат апарати и никој не знае што прави“.
На прашање дали имала некаква информација за текот на лекувањето, таа рече дека од болницата немала никаква информација, каде е сместен и што се прави.
„Дома со мајка ми полудевме. Ѕвонев на фиксните телефони, не ми се јавуваа, ѕвонев по други лица, да се јави некој, јас не знаев во каква состојба е татко ми ниту кој го лечи“,
ја пренесува МИА изјавата на сведокот во судницата.
Сведокот рече дека од болницата не побарале претходна согласност за методата што се спроведувала во лекувањето на нејзиниот татко и дека за многу работи дознала од отпусното писмо кое, како што рече, самата го побарала.
„Го примив (отпусното писмо) после една неделаи по разговор со други лекари ми кажаа дека многу протоколарни нешта недостасуваат“,
рече таа.
При вкрстено испрашување од бранителот на обвинетиот Жан Митрев, адвокатот Никола Додевски, сведокот изјави дека никогаш во животот го нема сретнато д-р Жан Митрев ниту дека разговарала со него преку телефон.
Прашана дали со фактот што го однела нејзиниот татко во најсовремена европска болница, а не била медицинско лице, била согласна да се лекува со сѐ, таа одговори одречно.
„Не, затоа што не бев претходно известена што ќе применат, иако не сум медицинско лице имам право да знам што ќе се применува“,
рече таа.
Прашана дали при плаќањето знаела дека остава и депозит за хемофилтрација, таа одговори потврдно.
„За хемофилтрацијата да биде употребена доколку е потребна, а доколку не, се враќа депозитот“,
рече таа.
Потоа, при директно испитување од одбраната, сведокот изјави дека за услугата во болницата платила 18 илјади евра.
Нејзиниот одговор беше одречен и на прашањето дали кога ѝ бил земен депозитот ѝ било објаснето дека има и попуст за вкупниот број услуги кои ќе бидат дадени.
„Отидов на шалтер и ја платив сумата, а дали ќе има попуст или не, не знам“,
рече сведокот.
Судењето продолжи со сведочење на друга оштетена чиј сопруг, исто така, починал при лекувањето во болницата.
По неколку одложувања судскиот процес против Жан Митрев почна на 13 јуни, со воведни зборови на Обвинителството и изјаснување на обвинетите дали се чувствуваат виновни.
Докторот Жан Митрев, сопственик на истоимената приватна клиника, рече дека апсолутно не се чувствува виновен за делото што му се става на товар.
Покрај Митрев, дека не се чувствува виновна за истото кривично дело, на денешното рочиште во Основниот кривичен суд Скопје се изјасни и застапничката на приватната клиника, која рече дека во целост го одбива обвинителниот акт.
Обвинителката Искра Хаџи Василева, пак, во воведните зборови истакна дека обвинителството ќе докаже надвор од разумното сомневање дека е сторено кривичното дело за кое постои обвинението.
„Постои обвинение за сериозно кривично дело, а со неговото дејствие има последици и правното лице. Тоа се фактите и не можете да ги извртите наспроти логиката. Обвинетиот сторил измама со умисла и ова обвинителство ќе го докаже тоа надвор од разумното сомневање“,
рече пред три дена обвинителката, пренесе МИА.
Обвинението против Митрев се однесува на прикривање клучни факти за хемофилтрацијата – метода која бил прикажувана дека е алтернатива за лекување ковид-пациенти, иако не смеел да го прави тоа.
Кога го поднесоа обвинението, од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје појаснија дека хемофилтрацијата како метод може да најде примена и во третирањето на ковид-пациенти, но оти таа е ограничена, кај најтешки пациенти со тешка клиничка слика. Она што го потенцираа е дека во обвинението не станува збор за тоа дека пациенти во клиниката „Жан Митрев“ починале од хемофилтрација и несовесно лекување, туку дека на пациентите и нивните роднини не им била прикажана целосната слика за методот и биле доведе во заблуда.
Предметот во обвинителството беше отворен по документарниот филм „Нечиста крв“ на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) емитуван во јули 2022 година. По спроведена истрага, обвинение беше поднесено на 10 јануари годинава, а по прифаќањето следуваше и закажувањето на првото судско рочиште кое неколку пати досега се одложуваше.
Докторот Жан Митрев, пак, во своите јавни настапи, како и во неколкуте соопштенија испратени до медиумите тврдеше дека не измамил пациенти, како и дека ова е хајка против него.
