За МОН е прифатливо барањето Владата да им препорача на универзитетите промена на соодносот на поени од испитите при упис на факултет, односно, наместо сегашните 24, екстерните да носат 20 поени, а интерните да носат 16 наместо 12 поени и проектната задача – четири поени

Нема поместување на датумот за полагање на првиот екстерен испит од 27 мај на 3 јуни. Само ова од барањата на Сојузот на средношколци, кои пред десетина дена ги усвои нивното Генерално собрание, е неприфатливо за Министерството за образование и наука.
На денешната средба со министерот Јетон Шаќири во МОН, три од четирите барања на Сојузот на средношколци биле прифатени, а за одбиеното барање им било понудено компромисно решение, односно олеснување во бодувањето на испитот.
„Поради веќе утврдениот календар за одржување на учебната година, од логистички причини и поради претходен план, не беше прифатено нашето барање екстерниот испит да се помести од 27 мај на 3 јуни. Дополнителна компликација прави и православниот празник Духовден и продолжениот викенд. Но, МОН како компромисно решение ни понуди намалување на обемноста на материјалот, што значи интервенција во бројот на поени – ако носи 100 да биде 80, интервенција во перцентилните рангови за оценка и по однос на други модалитети во однос на првиот екстерен испит“,
рече Лука Павиќевиќ, претседател на Сојузот на средношколци.
Ова компромисно решение, рече Павиќевиќ, ќе го презентираат денеска на вонредна седница на Генералното собрание на Сојузот и делегатите ќе се произнесат дали го прифаќаат предлогот на МОН.
Тој, по средбата во МОН, нагласи дека Сојузот, сепак успеал, како што рече, за 75 отсто од нивните барања затоа што МОН се согласува да ги исполни останатите три барања.
За МОН е прифатливо барањето Владата да им препорача на универзитетите промена на соодносот на поени од испитите при упис на факултет, односно наместо сегашните 24, екстерните да носат 20 поени, а интерните да носат 16 наместо 12 поени и проектната задача – четири поени.
„Второто барање е исто така прифатено – Владата да даде препорака до универзитетите првиот екстерен предмет – Мајчин јазик (македонски, албански и турски јазик) и литература да биде соодветен на сите универзитети. Освен што е дополнително олеснување на матурантите, претставува и државнички чин зашто се покажува грижа за мајчиниот јазик“,
рече Павиќевиќ.
Прифатено е и барањето наставниците да ги споделат материјалите за интерните испити и банките со прашања најдоцна четири недели пред денот на испитот и бројот на прашања во банките да биде три пати поголем од бројот на прашања на испитот.
„Имајќи предвид на кој начин оваа генерација на матуранти ја следеше наставата, ние како Министерство сме согласни со голем дел од барањата на Сојузот, со цел олеснување на процесот на полагање, и токму во таа насока и ќе воведеме олеснување при полагањето на тестот по мајчин јазик да се намали по обемност, односно да носи од 60 до 80 поени, а не како досега, од 80 до 100 поени. Ова подразбира и дека во содржината на тестот ќе има намалување на бројот на прашања поврзани со способноста литература, што како предлог од Сојузот на средношколци беше прифатено“,
вели министерот за образование и наука Јетон Шаќири.
Министерот Шаќири рече и дека ќе испрати допис до сите универзитети во државата со препорака првиот екстерен предмет (мајчин јазик – Македонски јазик и литература, Албански јазик и литература, Турски јазик и литература) да го сметаат за соодветен, со што ќе се зголеми неговиот придонес во поените за државната
матура, за која искрено се надева дека ќе биде позитивно прифатена и имплементирана од нив.
„За мене како министер, но и приоритет на Владата е организирање на државна матура која ќе биде според сите законски прописи, а воедно и да ги слушнеме барањата и потребите на матурантите знаејќи дека од државната матура за нив зависи запишувањето во високообразовни установи во државава и во други земји“,
истакна Шаќири.
Покрај Сојузот на средношколци, министерот Шаќири попладнево има средба и со претставници на ОДАС (Организација за дијалог и афирмација на средношколци и студенти) – организатор на протестот пред МОН на 17 март, кои, пак, имаат други барања во однос на државната матура – да се намали обемот на материјалот за полагање на државната матура или, како алтернатива, да се намали бројот на интерни испити.