Првоосомничена е 58-годишина поранешна вработена на Универзитетската клиника за уво, нос и грло со иницијали С. М. од Скопје, а второосомничена е Г. К. Б (55), актуелна вработена во оваа Клиника и член на Комисијата за ревизија на наод, оцена и мислење за утврдување на инвалидност односно неспособност за работа
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) и Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска и официјално излегоа со детали за вчерашната акција што се спроведуваше во повеќе градови во земјава.

Цел на акцијата беше разбивање на криминална шема во која преку примање и давање поткуп се правеле злоупотреби во постапката за остварување права за надоместок за помош и нега од друго лице и незаконско стекнување право на инвалидска пензија.
Две криминални групи
Во рамките на акцијата, која, како што соопштија од ОЈО ГОКК, уследила по повеќемесечна истражна постапка, уапсени се вкупно 23 лица, а еден од осомничените не е достапен на органите на прогонот.
Сепак, бројот на уапсени е само половина од лицата против кои Обвинителството донело наредба за отворање истражна постапка, а постапувајќи по кривичната пријава поднесена од МВР.
Имено, во истрагата на ОЈО ГОКК се опфатени вкупно 49 лица, за кои постои основано сомнение дека со низата кривични дела кои ги извршиле нанеле штета на државниот буџет.
За колкава штета станува збор не е наведено ниту во соопштението на Обвинителството, ниту на Министерството за внатрешни работи и таа најверојатно ќе се утврдува во текот на истражната постапка.
Во рамките на акцијата и извршените претреси, полициските екипи пронашле и одзеле 110 000 евра, 65 000 денари и 100 долари, повеќе мобилни телефонски апарати, нотеси со податоци на должници, како и разна медицинска документација и повеќе факсимил-печати.
Инаку, како што информираат од двете институции, станува збор за две криминални групи кои разработиле шема преку која на лица баратели на социјални услуги им овозможувале да добијат право на туѓа нега и инвалидска пензија.
Првоосомничена е 58-годишина поранешна вработена на Универзитетската клиника за уво, нос и грло со иницијали С. М., од Скопје, а второосомничена е Г. К. Б. (55), исто така, вработена во оваа Клиника и член на Комисијата за ревизија на наод, оцена и мислење за утврдување на инвалидност односно неспособност за работа.
Покрај нив, меѓу осомничените се лекари специјалисти кои биле претседатели Стручната комисија за издавање наод, оцена и мислење за потребата од помош и нега од друго лице во рамките на ЈЗУ Општа болница – Велес, од Универзитетска клиника за неврологија – Скопје, потоа Приватната здравствена установа – ординација за општа медицина и специјалистички ординации од Велес, адвокат од Велес и службено лице во Центарот за социјална работа – Тетово.
Од Обвинителството и Министерството за внатрешни работи, во опширните соопштенија даваат преглед од она што досега е утврдено за начинот на кој оперирале осомничените.
Modus operandi
Сè почнувало со барање и примање мито или награда од барателите на социјалното право што сакале да го остварат.
Обезбедувањето на правото на туѓа нега било во фокусот на првата криминална група, која се здружила околу првоосомничената во текот на 2023 година.
„За возврат организаторите и припадниците на криминалната група преземале противправни дејствија на директно или индиректно давање или нудење парични награди, поткуп на службени лица, како и противправни дејствија на директно или индиректно примање парични награди или поткуп, со што на барателите им обезбедувале исполнување на условите за успешно водење на постапката за стекнување со право на туѓа нега“,
се вели во соопштението на ОЈО ГОКК.

Барателите што давале поткуп, тие ги пријавувале кај матични доктори во Велес, за потоа надлежна за постапување да биде Стручната комисија за издавање наод, оцена и мислење при ЈЗУ Општа болница – Велес, чиј поранешен и актуелен претседател на комисијата се членови на групата.
„Така, членовите на групата без присуство на лицата кои давале поткуп обезбедувале фиктивни медицински прегледи кај матичните доктори, како и клинички или болнички прегледи кај лекари и медицински лица. Воедно осомничените со преземање на противправни дејства изготвувале, обезбедувале и употребувале медицинска документација во вид на медицински упати, отпусни писма, медицински извештаи, контроли и контролни прегледи, психолошки тестови, конзилијарни мислења, потврди за медицински помагала и друга медицинска документација со невистинита содржина. Со преземените дејства осомничените ги заобиколиле одредбите од Законот за социјална заштита каде се утврдени условите за добивање на парична помош за туѓа нега и помош за лица со попреченост и неспособност за самостојно живеење. Припадниците на криминалната група влијаеле и овозможувале успешно водење на постапките и донесување одлуки во корист на барателите надвор од нивното место на живеење, иако законски надлежна институција за водење на оваа постапка се Центрите за социјална работа според местото на живеење на барателот“,
велат од ОЈО ГОКК.
Паралелно со активностите на оваа група, во исто време во текот на 2023 година вработената на Универзитетската клиника за уво, нос и грло – Скопје и член на Комисијата за ревизија на наод, оцена и мислење за утврдување на инвалидност односно неспособност за работа при Министерството за социјална политика, демографија и млади, заедно со првоосомничената и двајца други осомничени создале нова група која ги вршела истите кривични дела како и претходната. Разликата била во тоа што им го нуделе на барателите кои нуделе поткуп, односно фокусот на оваа група била во незаконско обезбедување на правото на инвалидска пензија.
Припадници на групата станале уште 12 осомничени, од кои тројца биле дел и од првата група.
„Организаторите и припадниците со координирани дејствувања барале и примале парични средства – поткупи од лица баратели на право на инвалидска пензија користејќи идентичен modus operandi како и првата група. Со преземените дејствија осомничените членови на групата на барателите им обезбедувале исполнување на услови за успешно водење на постапките за стекнување со право на инвалидска пензија, врз основа на која припадниците на криминалната група-членови во Комисиите со искористување на своето реално влијание и службената положба овозможиле успешно водење на постапката за стекнување со право на инвалидска пензија, како и донесување одлуки во корист на барателите на право на инвалидска пензија кои дале поткуп“,
информираат од истрагата.
Кривични дела и предлози за притвори
На осомничените опфатени во истрагата им се ставаат на товар повеќе кривични дела.
Така три матични лекарки се товарат за кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување, 16 осомничени кои понудиле и дале поткуп заради обезбедување медицинска документација со невистинита содржина се осомничени дека сториле кривично дело давање награда за противзаконито влијание и кривично дело давање поткуп, додека на девет осомничени кои се согласиле и дале парична награда на товар им се става кривичното дело давање награда за противзаконито влијание.
Припадниците на групите, пак, освен за кривичното дело злосторничко здружување, се осомничени и за кривичните дела давање поткуп, примање награда за противзаконито влијание и злоупотреба на службена положба и овластување.
Од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција информираат дека во текот на денешниот ден осомничените се изведени пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, кој треба да одлучи по предложените мерки за обезбедување присуство.

Како што информираат од Обвинителството, за 12 осомничени е предложена мерка притвор, за тројца куќен притвор, додека за останатите се предложени мерки на претпазливост.
Во однос на предложените мерки, од ОЈО ГОКК велат дека предвид биле земени кривичните дела сторени од секој осомничен поединечно, висината на запретените казни и исполнувањето на околностите за определување на мерките.