Едниот од нив, со иницијали Б. Ј., кој веќе е суспендиран од работното место до завршувањето на дисплинската постапка, според Министерството, не извршил проверки на возилото со кое се превезувал Груби и не го евидентирал дека остварил излез од државата, туку него и лицето што го управувало возилото и имало дипломатски пасош ги завел дека пеш ја поминале границата
Другиот полициски службеник, за кого се предлага поведување дисциплинска постапка, е Б. А., кој бил раководител на смена критичниот ден. Тој, како што утврдила Внатрешната контрола, им дал, односно ги задолжил колегите со Мобилен систем за снимање со камери (МССК) кој бил нефункционален оти му биле испразнети батериите
Повеќе пропусти имало на граничниот премин „Долно Блаце“ кога поранешниот прв вицепремиер и висок функционер на ДУИ, Артан Груби, сега осомничен во случајот „Лотарија“, ја преминал границата и заминал за Косово.

За нив доцна попладнево преку соопштение информира Министерството за внатрешни работи (МВР), а одговорноста за пропустите ја лоцира кај двајца полициски службеници за кои проверките и анализите на Внатрешната контрола утврдиле дека несовесно си ја вршеле работата кога Груби заедно со лице чии иницијали одговараат со името на почесниот конзул на Косово во земјава, Арсим Папранику, со возило „мерцедес“ ја поминале границата.
Против двајцата полициски службеници, како што соопшти МВР, се преземени дисциплински мерки.
Едниот од нив, со иницијали Б. Ј., кој веќе е суспендиран од работното место до завршувањето на дисплинската постапка, според Министерството не извршил проверки на возилото, со кое се превезувал Груби и не го евидентирал дека остварил излез од државата, туку него и лицето што го управувало возилото и имало дипломатски пасош ги завел дека пеш ја поминале границата.
Полицаецот, како што утврдила внатрешната контрола, не чекал да види дали некој од патниците фигурира на стоп-листата „задржи и веднаш извести“.
Другиот полициски службеник, за кого се предлага поведување дисциплинска постапка, е Б. А., кој бил раководител на смена критичниот ден. Тој, како што утврдила Внатрешната контрола, им дал, односно ги задолжил колегите со Мобилен систем за снимање со камери (МССК) кој бил нефункционален оти му биле испразнети батериите.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди (ОВККИПС) проверките на граничниот премин „Долно Блаце“ ги извршил на 15 декември, истиот ден кога Груби ја напуштил државата и заминал за Косово.
„Во врска со преминувањето на државната граница на граничниот премин ‘Долно Блаце’ од страна на А.Г. иако имал активна мерка на стоп листа „задржи и веднаш извести“, на 15.12.2024 Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди постапи и по извршени проверки, извршен увид во службените материјали и по извршена анализа од обезбедени снимки од безбедносните камери од ПС за ГП „Долно Блаце“, Одделот утврди дека полицискиот службеник Б.Ј. со своето несовесно работење не извршил адекватни проверки за патничко моторно возило ‘мерцедес’ при премин на државната граница на излез од РСМ, не го евидентирал за остварување на излез од РСМ и патниците од предметното возило А.П. со дипломатска патна исправа како возач и А.Г. со македонска патна исправа како совозач во возилото ги завел дека пешки ја поминале границата, односно со пропуштање на должниот надзор извршил гранична проверка во системот СКПВ за лицето А.Г. и при тоа не почекал системот да утврди дали предметното лице има активна мерка „задржи и веднаш извести“ туку веднаш на лицата им ги дал патните исправи, по што тие го напуштиле граничниот премин“,
се вели во соопштението на МВР.
Со ова, како што се додава, полицискиот службеник постапил спротивно на два члена од Законот за гранична контрола (член 12, точка 1 и член 13, став 1, точка 8) и сторил потешко кршење на работниот ред и дисциплината.
Во врска со настанот, Внатрешната контрола доставила известување до Специјализираното одделение за гонење кривични дела сторени од полициски и службеници на затворската полиција на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција заради запознавање на јавниот обвинител со случајот.
Што се однесува до раководителот на смена Б. А., тој на 15 декември во 7:30 часот ги задолжил полицајците на премиенот со Мобилен систем за снимање со камери и тоа го завел во евиденцијата, но откако колегите пријавиле дека системот на работи поради испразнети батерии и ги раздолжиле, тој не го евидентитрал настанатиот проблем.
„Од страна на полициски службеници Б. Ј., С. Ф., Б. А., Ф. Ф. и Е. Ш., било пријавено дека МССК не им работат бидејќи им се испразниле батериите. Од страна на раководителот на смена Б. А. истите полициски службеници не биле задолжени со други МССК, бидејќи батериите не можеле да се наполнат. Од извршениот увид во горенаведената евиденција од страна на ОВККИПС исто така беше утврдено дека од страна на раководителот на смена Б. А., откако МССК биле вратени, истите не биле заведени во графите како раздолжени во самата евиденција, а воедно и не ја пополнил графата за забелешка каде што требало да го нотира настанатиот проблем со МССК“,
велат од МВР.
Поради ова, од страна на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди поднесен е предлог за поведување на постапка за утврдување на одговорност за кршење на работната дисциплина против Б. Ј. и Б. А., наведуваат од Министерството, додавајќи дека против полицискиот службеник Б. Ј. одделот веќе изрекол задолжителна мерка отстранување од работно место-суспензија до завршување на дисциплинската постапка.

Опозицискиот СДСМ денеска обвини дека зад бегството на поранешниот вицепремиер Артан Груби потенцијално стои политички договор меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, зашто, како што велат оттаму, постојат премногу индикации за направен договор меѓу партиите, како и премногу пропусти од страна на МВР во случајот.
Повикувајќи се на информации добиени од свиркачи, организацискиот секретар на СДСМ, Мартин Костовски, на денешната прес-конференција изјави дека МВР имало поставено полициска контрола на кружниот тек пред Граничниот премин „Блаце“ на денот кога Груби заминал од земјава, а оти контролата била таму најмалку три дена пред настанот, што, според партијата, јасно укажува дека постоеле сомнежи за бегство.
МВР денеска распиша меѓународна потерница по Груби и ексдиректорот на „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами, откако таква наредба вчера издаде ОЈО Скопје. Кривичниот суд претходно им определи 30-дневен притвор што ќе почне да се спроведува откако ќе бидат обезбедени во земјава.
Груби и Бајрами се осомничени дека како соизвршители и одговорни лица во АД „Државна лотарија“, вршејќи ги своите посебни овластувања и должности, во 2023 година направиле штета на акционерското друштво со намера противправно да прибават буџетски средства на Лотарија во износ од над осум милиони евра. Обвинителството ги сомничи за кривичното дело проневера во службата.
Денеска на информативен разговор во полициската станица „Карпош“ е почесниот конзул на Косово во земјава Арсим Папранику, во чие дипломатско возило, според медиумски написи, поранешниот прв вицепремиер Артан Груби ја напуштил земјава и заминал за Косово.
Од МВР за „360 степени“ ја потврдија инфромацијата дека Папранику е во полициска станица, но не открија повеќе детали со образложение дека истрагата е во тек.