Пресудата не е правосилна и за неа најавија жалби и обвинителството кое е незадоволно од казната, но и одбраната која смета дека во случајот треба да има ослободителна пресуда
Основниот суд во Струмица денеска изрече осудителна пресуда со условни казни затвор за хеликоптерската несреќа што се случи во јули 2014 година во која загинаа четворица пилоти на МВР.
Со одлуката на првостепениот суд на условна казна од две години затвор која нема да се изврши ако во наредните три години не стори ново кривично дело е осудена тогашната директорката на ЈП „Македонска радиодифузија“, Јулијана Спировска, додека техничкиот директор, Драгослав Радески, доби казна од година и пол затвор која нема да се изврши ако во наредните две години не стори ново кривично дело. Со парична казна од еден милион денари е казнето и јавното претпријатие. Обвинетите се гонеа за тешки дела против општата сигурност.
Пресудата не е правосилна и за неа најавија жалби и обвинителството кое е незадоволно од казната, но и одбраната која смета дека во случајот треба да има ослободителна пресуда.
Хеликоптерската несреќа се случи на 10 јули 2014 година за време на ноќен лет кога хеликоптерот удри во предавател на тогашната „Македонска радиодифузија. Во несреќата загинаа четворицата пилоти на МВР: Драги Мицев, Марјан Трајковиќ, Тоде Орешков и Иљо Лопатички.
