Ковачевски меѓу другото, додаде дека останува на ставот дека сите плати треба да се зголемат, меѓутоа тоа зголемување, како што посочи, да не биде направено веднаш во еден момент затоа што тоа може да предизвика дополнителен инфлаторен притисок од кој, како што додаде, никој нема да има полза со оглед на тоа што зголемена инфлација само ќе ги изеде приходите коишто ги имаат работниците
Разговорите со синдикатите и натаму продолжуваат, но не е добро што прво се најавија или веќе се организираат штрајкови како форма на притисоци, за тоа што на крај решение со кое ќе бидат задоволни сите мора да се најде низ преговори, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски во врска со штрајковите кои ги најавија неколку синдикати во врска со нивните барања за зголемување на платите согласно зголемениот минималец.
„Не е добро за економско-социјалниот дијалог прво да се најави штрајк, а потоа под притисок да се доаѓа на разговори со Владата. И во такви услови Владата разговара нормално со сите претставници на синдикатите и јас сум сигурен дека на крајот на денот ќе изнајдеме решение коешто ќе биде на обострано задоволство и на работниците и секако на оние коишто ги плаќаат даноците за да се исплаќаат тие плати“,
рече Ковачевски.
Ковачевски посочи и дека ги замолил сите синдикати кои учествуваа во социјалниот дијалог, минималната плата да не биде причина за отпочнување на протести во однос на зголемувањето на платите.
„Зошто? Затоа што тоа се работниците коишто работат во фабрики, кои работат во услужни сектори, кои доминантно работат со 85 до 90 проценти од сите вкупно вработени на минимална плата во приватниот сектор. Тој приватен сектор ги плаќа платите на сите коишто работат во јавниот сектор. Јавниот сектор има 138 илјади вработени. Тие 138 илјади вработени ги примаат своите плати благодарение на придонесите, на даноците коишто ги плаќа приватниот сектор. И тоа не треба да биде причина да се врши притисок и да се прават протести“,
истакна премиерот.
Тој меѓу другото, додаде и дека останува на ставот дека сите плати треба да се зголемат, меѓутоа тоа зголемување, како што посочи, треба да се прави низ методолошка рамка којашто нема да биде направена веднаш во еден момент затоа што тоа може да предизвика дополнителен инфлаторен притисок од кој никој нема да има полза со оглед на тоа што зголемена инфлација само ќе ги изеде приходите коишто ги имаат работниците.
Од таа причина, како што истакна Ковачевски, ресорните министри се во постојани разговори со сите синдикати коишто покриваат различни гранки од општеството, а кои деновиве најавуваат или спроведуваат штрајкови по однос на нивните барања за пропорционално зголемување на платите согласно порастот на минималецот.
Тој во своето обраќање потсети оти од 2017 година наваму, платите во образованието беа зголемени кумулативно 21 процент, беа зголемени платите на лекарите како и капитациите за здравството и истакна оти сето тоа е постигнато со разговори и дека така и ќе се продолжи во наредниот период.
Според него, сите граѓани треба да имаат предвид дека земјава но и светот во моментов се наоѓаат во најголема економска криза од Втората светска војна.
„Се надевам дека сите сме свесни дека светот, Европа и државата се наоѓаме во најголемата економска криза од Втората светска војна наваму. Таа економска криза влијае врз зголемената цена на енергенсите, на храната и ако ги погледнете стапките на инфлација во САД и во Германија, во ЕУ тие се идентични како кај нас од причина што инфлацијата овде е увезена заради зголемувањето на цените на основните продукти, нафтата и нафтените деривати, електричната енергија“,
рече премиерот и притоа потсети дека како Влада преземале голем број мерки за поддршка на граѓаните за надминување на последиците од ваквата криза.
