Прашан дали интервенција на полицијата во Кисела Вода е поради случајот со жената и детето во Карпош, бидејќи првиот настан бил во неделата, а полицијата реагирала вчера откако тој повторно посегнал по оружјето, Тошковски наведе неколку причини што можеби влијаат на засилени интервенции по настани поврзани со ваков вид насилство
На прашањето колку пријави за семејно насилство имала поднесено жената која со својата ќерка почина по пад од балкон во скопски Карпош, министерот рече дека не може да каже точна бројка, но наведе оти ги има повеќе
Покрај случајот во населбата Кисела Вода, каде што скопјанец со пиштол им се заканувал на својата сопруга и трите ќерки, синоќа во полициска станица е задржано уште едно лице што исто така е осомничено за кривични дела поврзани со семејно насилство.
Ова денеска го соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, без да соопшти повеќе детали за вториот настан, каде се случил и за што конкретно станува збор.

„Во текот на вчерашната вечера има уште еден случај поврзан со семејно насилство. Како што сум информиран имаме уште еден потенцијален насилник којшто е задржан во полициска станица и за овој случај ќе се постапува во соработка со Јавното обвинителство“,
рече министерот во изјава за медиумите пред почетокот на пред почетокот на тркалезната маса на тема „Предизвици во обезбедувањето поддршка и заштита на жртвите на насилство врз жени и семејно насилство“.
Министерот не наведе повеќе детали и за случајот во Кисела Вода бидејќи, како што кажа, накратко бил информиран од началникот на СВР Скопје пред почетокот на денешниот настан.
Сепак, како што кажа, лицето од Кисела Вода е задржано во полициска станица и врз основа на она што досега е утврдено ќе биде процесирано по итна постапка.
„Битно е дека во конкретната ситуација за среќа немаме смртни последици, повеќе детали не би сакал да споделам во овој момент, и јас ги немам сите детали, знам само дека потенцијалниот насилник, е задржан во рамки на полициска станица и за истиот согласно оние информации што ги имам ќе биде процесирана итна постапка за негово спроведува во рамки на судските постапки понатаму“,
рече тој.
Во врска со овој случај претходно од МВР соопштија дека полициски службеници од СВР Скопје синоќа го лишиле од слобода 55-годишниот Б.С. од Скопје, под сомнение за семејно насилство и употреба на огнено оружје кон неговата 48-годишна сопруга и трите ќерки кои биле на возраст од 18, 24 и 26 години.
Според МВР, првиот настан бил на 1 март, кога по расправија во домот во населбата Кисела Вода, пријавениот испукал еден куршум од пиштол кој завршил во прозорецот. Потоа, тој физички ја нападнал својата 24-годишна ќерка и упатувал закани кон неа и нејзината 18-годишна сестра.
Осомничениот делото го повторил синоќа околу 22:30 часот, кога повторно со пиштол ѝ се заканувал на сопругата, но бил спречен од неговите ќерки да го употреби оружјето.
Тој бил приведен ноќеска, 40 минути по полноќ.
Прашан дали оваа интервенција на полицијата е поради случајот со жената и детето во Карпош, бидејќи првиот настан бил во неделата, а полицијата реагирала вчера откако тој повторно посегнал по оружјето, Тошковски наведе неколку причини што можеби влијаат на засилени интервенции по настани поврзани со ваков вид насилство.
„Дали е ова последица на она коешто се случува во последно време, а е поврзано со охрабрување на жртвите да почнат да ги пријавуваат насилниците, дали е ова поврзано со тоа што вие новинарите давате посебно внимание на овој тип насилство што ни се случува во државата, не знам, но сигурен сум дека јавното говорење за ваков тип насилство и брзите интервенции од страна на сите институции ќе дадат резултати“,
кажа Тошковски.

Прашан колку пријави за семејно насилство имала поднесено жената која со својата ќерка почина по пад од балкон во скопски Карпош, министерот рече дека не може да каже точна бројка, но наведе оти ги има повеќе.
„Повеќе. Точна бројка не би можел да ви кажам но една не е сигурно, повеќе има. Со тоа што во сите оние случаи кога жртвата побарала помош од Министерството за внатрешни работи, по интервенција од страна на МВР, таа секогаш ја повлекувала изјавата“,
кажа тој.
Според него, тоа е еден од најголемите проблеми со кои се соочува полицијата при постапувањето бидејќи жртвите често ги повлекуваат пријавите под притисок на насилниците.
„Не можеме во никој случај да ја обвиниме жртвата зошто ја повлекла изјавата што ја дала. Меѓутоа мораме да најдеме поефикасен институционален одговор на ваквите случувања. Имаме предвидено и во рамки на сегашната регулатива можности да поефикасно работиме како институции. Затоа сакаме да најдеме решение како 24/7 системот да одговори, не само од аспект на МВР, туку од аспект на Центар за социјални работи, Јавно обвинителство, од аспект на Кривичен суд, од аспект на Граѓански суд, од аспект на невладини организации, поддршката што треба да им биде дадена на жртвите, па еве можам да кажам и од аспект на секој еден македонски граѓанин кој ќе констатира фактичка состојба каде што имаме потенцијално семејно насилство да ја информира пред сè македонската полиција за да можеме да реагираме така како што треба да реагираме“,
рече министерот за внатрешни работи.
Тошковски рече оти е уверен дека нема полицаец кој не би реагирал и не би спречил семејно насилство, особено врз малолетни дечиња и на жена жртва на семејно насилство, но притоа треба да преземе повеќе чекори кои, како што кажа, треба да се подобрат во иднина.
„Треба да имаат предвид дека жртвите се под притисок на насилниците, дека можат да сменат изјава, Но, работата на полициските службеници не треба да заврши тука. Треба да направат процена на ризик, треба да преземат соодветни чекори во рамки на утврдена процедура, треба да се обратат до инспектори коишто се посебно обучени во делот на семејно насилство, треба да овозможиме реакција од судот 24/7. Значи, имаме многу чекори коишто можеме да ги подобриме во иднина“,
рече Тошковски.
