Шесте инспекторати во земјава од 27 мај до 3 јуни извршиле вкупно 12 799 вонредни надзори, од кои 11 504 контроли има направено Државниот пазарен инспекторат.
Предложени се 25 кривични пријави за кршење на законите и протоколите, а затекнати се и 20-ина нерегистрирани угостителски објекти во Скопје, Тетово, Гостивар, Дебар, Струга и Куманово.
Претседателката на Инспекцискиот совет Магдалена Филиповска-Грашкоска денеска на прес-конференција информираше дека само на првиот ден кога беа воведени протоколите за угостителите, односно на 28 мај извршени се 676 контроли.
„Поради утврдени недоследности во почитувањето на протоколите, првиот ден се изрекуваа само усни укажувања и опомени, но поради многу пропусти забележани првиот ден, се премина на подрастично санкционирање на прекршувањата и изминатите неколку дена предложени се повеќе од 25 кривични пријави за флагрантно кршење на законите и протоколите“,
рече Филиповска-Грашкоска.
Трудовиот инспекторат спровел 504 контроли во компании во Штип и Тетово каде што се појавија одредени кластери на заболени. Донесени се четири решенија и 20 укажувања за работодавачи кои не постапиле по препораките на Владата.
Инспекторатот за транспорт спровел 290 вонредни надзори. Евидентирани се седум прекршувања на уредбите и протоколите и тоа три прекршувања кај посебниот меѓуопштински превоз на вработените во Штип и четири прекршувања за превоз на вработени во Брвеница.
Државниот здравствен и санитарен инспекторат во овој период направил 225 контроли, а од страна на Агенцијата за лекови и медицински помагала спроведени се 47 контроли и не се забележани специфични отстапувања.
Агенцијата за храна и ветеринарство направила 229 надзори во маркети, зелени пазари и прехранбени објекти во повеќе градови при што изречени се 13 решенија за непостоење на општи хигиенски услови во објектите.
