Инфлацијата, пак, мерена преку индексот на трошоци за живот во март 2025 година во однос на февруари годинава бележи пад за 1,3 отсто
Во текот на една година – од март 2024 до март 2025 година – трошоците за живот во земјава се зголемиле за 2,7 отсто. За истиот период цените на мало достигнале раст од 2,2 проценти, објави Државниот завод за статистика.

Инфлацијата, пак, мерена преку индексот на трошоци за живот во март 2025 година во однос на претходниот месец бележи пад за 1,3 отсто. Намалувањето на инфлацијата е резултат на намалувањето на трошоците за живот – храна и безалкохолни пијалаци за 3 отсто, транспорт за 1,8 отсто, мебел, покуќнина и одржување на домаќинствата за 0,6 проценти, алкохолни пијалаци, тутун и наркотици за 0,5 отсто и разновидни стоки и услуги за 0,3 проценти.
Цените на мало минатиот месец во однос на февруари годинава се намалени за 0,9 проценти.
За намалената инфлација во март во однос на февруари се огласи министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.
„Мерките на Министерството за економија и труд даваат резултати. Цените на основните прехранбени производи се стабилизираат и се намалуваат. На годишно ниво во март инфлацијата мерена преку трошоците за живот изнесува 2,7 проценти. Континуирано работиме на мерки за подобрување на стандардот на граѓаните и стабилизација на цените!“,
напиша Дурмиши во објава на Фејсбук.
Зголемување на трошоците на живот во март во однос на февруари годинава, пак, Статистика нотира кај групите – домување, вода, електрика, гас и други горива и облека и обувки за 0,4 отсто, ресторани и хотели за 0,3 проценти, комуникации и здравје за 0,2 отсто и рекреација и култура за 0,1 процент.
Трошоците на животот во групата образование остануваат на исто ниво како и претходниот месец.