Ковачевски рече дека во текот на наредните денови министрите ќе работат со цел да дојдат до решение кое, како што рече, ќе биде консултирано и од правен аспект дали е одржливо со оглед на тоа што се сака да се постигне усогласување на плата на ниво кое ќе биде поприфатливо, а истовремено ќе биде и одржливо
Во наредните една-две недели треба да има решение за висината на платите на избраните и именуваните функционери, а кое ќе биде прифатливо, одржливо и нема да биде предмет на поништување од страна на Уставниот суд, најави денеска премиерот Димитар Ковачевски откако вчера на владина седница не беше донесена одлука за корекција на Законот за платите на функционерите која ја најави вицепремиерот Фатмир Битиќи.
Ковачевски, оправдувајќи се дека не бил присутен на вчерашната владина седница поради присуство на Самитот во Тирана, рече дека сепак ресорните министри добиле задолжение до идната недела да подготват работен материјал.
„Во рамки на Владата беше формирана работна група составена од министри од областа на труд и социјална политика и економските ресори кои треба да изработат решение кое ќе биде одржливо и нема повторно да биде предмет на поништување од страна на Уставниот суд бидејќи носење на решенија кои го дерогираат системот на плати каде што за едни вработени во јавниот сектор важи еден систем за пресметување на плата, за други друг систем, ќе значи веднаш реакција како и во два случаи досега од највисоката судска инстанца“,
рече Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања по неговата денешна посета на компанијата „Вивакс“.
Ковачевски рече дека во текот на наредните денови министрите ќе работат со цел да дојдат до решение кое, како што рече, ќе биде консултирано и од правен аспект дали е одржливо со оглед на тоа што се сака да се постигне усогласување на плата на ниво кое ќе биде поприфатливо, а истовремено ќе биде и одржливо.
Според Ковачевски зголемувањето на плати е направено врз основа на одлука на Уставен суд со која е укината неуставна одредба за замрзнување на основицата на платите на избрани и именувани функционери и со тоа, како што вели, практично е направено зголемување на платите на 1 050 функционери.
„Тоа значи дека нивните плати ако изминатите 12 години биле практично замрзнати било спречено 6,5 процентно годишно зголемување на платите. Подоцна во текот на корона кризата, заради антикризните мерки, имаше ставање на платата на избрани и именувани функционери на минимална плата што исто така го укина Уставниот суд“,
рече Ковачевски.
На прашањето зошто сега се бара такво решение, а не и порано откако почна исплатата на повисоки плати за 78 отсто, Ковачевски рече дека тоа е така затоа што се работи тоа да биде прифатливо прво од правен аспект затоа што досега два пати е носено решение кое паѓа на Уставен суд.
„Второ уште пред да се случи одлуката на Уставен суд јас кажав дека се работи на закон за плати со кој треба да се стави ред во платите во јавниот сектор и да се знае која е највисока плата и како потоа одат нивоата на платите согласно со одредени критериуми. Во Министерството за информатичко општество и администрација, исто така, изминатиот период работеа на тоа решение кое мора да биде усогласено со повеќе различни страни бидејќи зборуваме за плати кои се однесуваат не само на 21 министер, туку и на 120 пратеници, 80 градоначалници, како и на судии, обвинители. Министрите работат на тоа и мислам дека во скоро време ќе има решение“,
додаде Ковачевски.
Премиерот не сакаше да прецизира околу коефициентот за пресметка на плати, ниту пак за процентот за кој би се намалиле, со образложение дека не може да се каже еден коефициент бидејќи различни функционери, различни носители на функции од различни области имаат различни коефициенти.
„Затоа не може да се каже кој ќе биде коефициентот и дали решението е во коефициентот или во основицата. Се покажа дека основицата на два пати беше оспорена на Уставен суд и на два пати беше укинато такво решение како неуставно и неусогласено со Уставот и затоа треба да се работи на решение кое ќе биде одржливо. Кога зборуваме за коефициенти се работи за поголем број кои се за различни носители на функции од различни области на управувањето со државата бидејќи имаат поделени надлежности. Исто така, не би можел да шпекулирам и со проценти. Мора да се научиме да носиме закони кои се согласно со процедури и кои не дерогираат други закони и други права“,
рече Ковачевски.
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи пред два дена најави дека на седница на Влада ќе биде предложена корекција на Законот за платите на функционерите, со која дел од средствата ќе се пренаменат за антикризни мерки за најранливите категории граѓани.
Ваквата одлука, како што рече Битиќи, доаѓа по минатонеделната одлука на Владата за задолжување четворица министри за нови антикризни мерки. Според вицепремиерот, предложените измени на Законот за плати на избрани и именувани лица е клучно во време кога треба да се покаже солидарност.