На двајца од осомничените во овој предмет – сопственикот на „Пулс“ и инспекторка во ДПИ – веќе им се одредени мерки во рамки на првичниот предмет за кочанската трагедија
Основниот кривичен суд Кочани им одреди мерки на лицата што вчера беа приведени во рамки на акцијата на МВР и ОЈО Кочани, а поврзана со трагедијата во кочанското т.н. кабаре „Пулс“.

На двајца од осомничените – даночни контролори од Службата за даночна контрола при Регионалниот даночен инспекторат во Регионалната дирекција Штип – им е одреден куќен притвор, иако кочанското обвинителство за нив бараше мерка ефективен притвор. Тие се осомничени за примање поткуп. На одговорните во „Пулс“ им ги дојавувале инспекциските контроли, а за возврат добивале подароци.
За шестмина од осомничените, на барање на ОЈО Кочани, се определени мерки на претпазливост. Се работи за даночни инспектори и управници на дирекциите на УЈП во Штип и Струмица кои им овозможиле на сопствениците на „Пулс“ и „ММММ кафе” да ги избегнат даночните контроли и да работат без соодветна фискализација. Тие се товарат за злоупотреба на службената положба и овластување.
Во вчерашната акција на МВР и ОЈО Кочани е опфатен и синот на реалниот сопственик на „Пулс“ кој е осомничен за давање поткуп. За него веќе се во сила мерки на претпазливост за првиот предмет поврзан со случајот за Кочани, но Судот на барање на Обвинителството ги прошири мерките и сега за него важи и забрана за воспоставување и одржување контакти и со новоосомничените.
Покрај синот на сопственикот на „Пулс“, во акцијата опфатени се и сопственикот на т.н. кочанско кабаре и инспекторка од Државниот пазарен инспекторат за кои, исто така, веќе се води постапка во првичниот предмет. Сопственикот на „Пулс“ за овој предмет е осомничен за фалсификување исправа, а инспекторката од ДПИ за оддавање службена тајна поради откривање информации за ненајавени контроли.
