Во рамки на акциите се приведени две лица од Албанија што ја преминале државната граница преку Охридското Езеро, како и едно кое со харпун ловело риба
Две кривични пријави и неколку прекршочни, како и одземени 126 рибарски мрежи со 219 парчиња риба се одземени во текот на мај и јуни годинава на Охридското Езеро, соопшти полицијата.
Ваквиот биланс е од околу 100 патролни контроли што полицијата ги направила во соработка со инспектор по рибарство од Државниот инспекторат за земјоделство, шумарство и водостопанство.
„Полициските службеници во водите на езерото пронајдоа и одзедоа 126 рибарски мрежи во должина од 2 800 метри, со 219 парчиња уловена риба во вкупна тежина од 45 килограми, како и повеќе видови риболовен алат и опрема. Лишени од слобода се две лица од Република Албанија, кои со пловен објект илегално ја преминале државната граница, како и едно лице кое со харпун ловело риба во езерските води“,
велат од МВР.
Оттаму додаваат дека поднеле две кривични пријави за лицата поради илегален премин на државна граница и незаконит риболов на територијалните води на Северна Македонија. Прекршочни пријави, пак, се поднесени според Законот за рибарство и аквакултура, а една според Законот за внатрешна пловидба.