Според дневниот пресек, скопскиот аеродром просечно опслужувал 8 687 патници дневно, а охридскиот 767 патници дневно. Само во септември, двата аеродроми опслужиле 329 523 патници, што е за осум отсто повеќе од лани

Скопскиот меѓународен аеродром и аеродромот „Свети Апостол Павле“ во Охрид за девет месеци од годинава забележале зголемување во патничкиот и авиосообраќајот.
Во периодот од јануари до септември, двата македонски аеродроми опслужиле вкупно 2 585 096 патници, што претставува раст од шест отсто во однос на истиот период минатата година. Бројот на летови, исто така, се зголемил за три отсто, достигнувајќи 20 141 реализирани летови.
Од ТАВ Аеродроми информираат дека за овој позитивен тренд големо влијание имале новоотворените осум авиолинии на почетокот на годината, кои се во соработката со авиокомпаниите и Владата.
„Во првите девет месеци од годината ТАВ Македонија го одржа позитивниот тренд на раст и стабилност, со што уште еднаш ја потврдивме успешноста на нашата долгорочна стратегија. Овие резултати не се случајни, тие се резултат на внимателно планирање и континуирана посветеност кон подобрување на услугите“,
вели генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт.
Тој најави дека стабилниот раст ќе продолжи до крајот на годината, бидејќи наскоро стартуваат седум нови авио-поврзувања со авиокомпанијата „Визер“.
На 27 октомври, како што рече тој, стартуваат линиите Скопје – Бари, Скопје – Стокхолм и Охрид – Базел.
Ден подоцна, од 28 октомври, ќе се лета од Скопје до Мадрид и до Ларнака, а од 15 декември од главниот град до Прага и до Келн.
Дополнително, рече Курт, од 3 ноември „Изиџет“ повторно ќе го поврзе Скопје со Женева.
За идната година најавени се нови дестинации како Будимпешта и Неапол од Скопје и Милано, Вроцлав и Катовице од Охрид.
Според статистиката на ТАВ Македонија, анализите покажуваат дека аеродромот „Свети Апостол Павле“ Охрид бележи двоцифрен раст од 16,2 отсто, со услужени 209 832 патници. Скопскиот аеродром услужил 2 375 264 патници, со раст од 5,4 отсто.
Според дневниот пресек, скопскиот аеродром просечно опслужувал 8 687 патници дневно, а охридскиот 767 патници дневно. Само во септември, двата аеродроми опслужиле 329 523 патници, што е за осум отсто повеќе од лани.
Податоците покажуваат дека Истанбул останува најфреквентна дестинација од меѓународниот аеродром „Скопје“, со 16,9 отсто пазарен удел, поврзувајќи ги двата истанбулски аеродрома „ИГА“ и „Сабиха Гокчен“. Потоа следуваат Базел Милуз, Франкфурт, Цирих, Виена, Минхен Меминген и Дортмунд.
Топ – пет земји до кои има најмногу директни летови се Турција (25,1 отсто), Германија (24,7), Швајцарија (10,9), Италија (5,2) и Австрија (4,4 проценти).