Најголем месечен приход е остварен во август, кога биле инкасирани 494 308 025 денари или нешто повеќе од 8 милиони евра

3,6 милијарди денари или 58,7 милиони евра изнесуваат вкупните приходи од наплата на патарина за периодот од јануари до септември годинава, информираше Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП). Оттаму велат дека најголем приход е остварен во август, односно 494 милиони денари или 8 милиони евра, па потоа во јули, околу 7,6 милиони евра, додека пак во септември прометот на патарините изнесувал 6,5 милиони евра. Најпрофитабилна наплатна станица е „Романовце“, додека пак најниски се приходите од „Кадрифаково“ – станица која се наоѓа на автопатот Скопје – Штип.
„Во септември, прометот од патарини по издадени профактури ЕТЦ изнесува 30.870.116, преку веб (онлајн) надополнување 30.888.802 денари. На наплатата преку системот „Отворен Балкан“ во септември отпаѓаат 10.486.530 денари“,
велат од ЈПДП.
Оттаму информираат дека електронската наплата достигнала 35 проценти, но и оти во подготвителна фаза е најавениот проект за надополнување на МТаг и Мкард, за што се очекува во блиска иднина да се отпочне да се надополнува преку правни лица.
