Утре – 7 мај, Министерството за внатрешни работи ќе го одбележи Денот на македонската полиција преку два настани.
Прво, во кругот на МВР раководството ќе положи цвеќе на спомен обележјата на загинатите бранители, а потоа централниот настан ќе се организира во полицискиот центар „Ѓорче Петров“. Таму свое обраќање, според најавите, ќе има министерот Наќе Чулев, а единиците во МВР ќе изведуваат и показни вежби. Присутни ќе бидат и претставници на Дипломатскиот кор, на кои ќе им бидат доделени плакети за благодарност, додека на припадници на МВР ќе бидат доделени плакети за посебен придонес и заложба.
Токму за Денот на полицијата пред два дена се снимаше и спот што предизвика нови спротивставувања на ставовите помеѓу министерот Наќе Чулев и дополнителната заменик-министерка Славјанка Петровска.
Чулев сметаше дека на таков начин ќе им се оддаде признание на припадниците на МВР за справувањето со ситуацијата предизвикана од коронавирусот. Петровска, пак, реагираше дека е несовесно да се повлечат полицајци и полициски возила од терен за да се снима спот, особено во период на вонредна состојба.
*Поврзани вести:
Петровска: Зарем полициските службеници треба да бидат статисти во спот?
Чулев објасни дека спотот што се снимал во полициски час бил за Денот на полицијата
