Европратеничката Јовева, која има македонско потекло, во обраќањето пред европските пратеници рече дека нема да поддржи никакви измени кои подразбираат бришење на македонскиот јазик и идентитет од извештајот. Во оваа смисла додаде дека македонскиот јазик е автентичен, а обидите за негово потиснување – модерна фикција
За да постои, на македонскиот народ не му треба ваша дозвола, а за да го признаете тоа, вам ви треба чесност, интегритет и храброст. Ова беше пораката која европратеничката Ирена Јовева од Словенија на македонски јазик ја упати до бугарските европратеници на крајот од своето обраќање во Европскиот парламент на вчерашната дебата за извештајот на Томас Вајц за напредокот на земјава.

Европратеничката Јовева, која има македонско потекло, во обраќањето пред европските пратеници рече дека нема да поддржи никакви измени кои подразбираат бришење на македонскиот јазик и идентитет од извештајот. Во оваа смисла додаде дека македонскиот јазик е автентичен, а обидите за негово потиснување – модерна фикција.
„Ова е извештај за европскиот пат на земја кандидат исполнет со многу трње, пат на нација која била понижена и оптоварена толку многу пати, но сепак е подобра од многу членки во Унијата. Идентитет кој преживеал векови нема да исчезне поради еден глас или вашето лобирање“,
рече европратеничката.
Во текот на дебатата за збор се јавија повеќе бугарски европратеници, меѓу кои и Андреј Ковачев. Рече дека додека граѓаните на Северна Македонија, кои ги нарече страдални, ја чекаат својата заслужена европска иднина повеќе од 20 години, политичарите во Скопје систематски го саботираат процесот на евроинтеграција на земјата.

„Наместо реформи и напредок, гледаме популизам, националистичка реторика и претставување на Бугарија како непријател, поради што евроинтеграцијата на земјата стагнира. Властите во Скопје сакаат гаранции дека нема да имаат други услови ако ги исполнат обврските што веќе ги презеле. Оваа политика води и кон директна репресија врз луѓето кои го зачувале својот бугарски идентитет, наследниците на мнозинството македонски Бугари кои се подложни на притисок, дискриминација и отворени закани. ЕУ не може да замижи пред ова“,
рече Ковачев.
Бугарскиот европратеник Ивајло Валчев, пак, во обраќањето пред Европскиот парламент рече дека лично верува оти патот на земјава е кон Европската Унија додавајќи:
„Но, за повторно да бидеме заедно, властите во Северна Македонија мора да ги напуштат своите господари од Белград, од Будимпешта, и да ги бранат човековите права, особено на страдалната бугарска заедница, како и да се придржуваат кон обврските што ги презеле.“
Валчев им се обрати и на македонските граѓани со пораката дека премиерот Христијан Мицкоски ги лаже и дека почитувањето на договорот од 2017 година со Бугарија и впишувањето на Бугарите во Уставот нема да го загрози македонскиот идентитет.
На вчерашната дебата, која е во пресрет на денешното гласање во Европскиот парламент се обрати и европратеникот Томас Вајц, кој го подготви извештајот за земјава. Порача дека иако Македонија е 20 години на европскиот пристапен пат и има имплементирано значаен дел од европското законодавство, иако требало, досега сè уште формално ги нема започнато преговорите за членство.