„Така да се зборува за Бугарија е крајно неприфатливо, дури и неточно од страна на политичар со огромна одговорност, чија цел треба да биде воспоставување добри дипломатски односи меѓу нашите две земји“, вели Димитров
Да се префрла несразмерна вина на Бугарија за депортацијата на Евреите од територијата на денешна Република Северна Македонија е несериозно, изјави Ангел Димитров, копретседател на Заедничката мултидисциплинарна и експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија.
Во изјава за БТА, тој ја коментираше изјавата на претседателот Стево Пендаровски по повод 80-годишнината од депортацијата на македонските Евреите. Пендаровски порача дека за да има помирување треба да има извинување за улогата на профашистичката влада на Софија во тоа време за депортацијата на македонските Евреи.
На ова Ангел Димитров коментира дека оценките на Пендаровски се силно идеологизирани.
„Така да се зборува за Бугарија е крајно неприфатливо, дури и неточно од страна на политичар со огромна одговорност, чија цел треба да биде воспоставување добри дипломатски односи меѓу нашите две земји“,
вели професорот.
Димитров смета дека Бугарија е единствената земја во Европа која, од една страна, била сојузник со нацистичка Германија, но не потпаднала под нејзиниот притисок и ги спасила сите свои Евреи. Тој вели дека над 10 000 Евреи со помош на бугарските дипломатски претставништва во Европа успеале да добијат документи и преку Бугарија да добијат спас.
„Да се припишува вина на Бугарија е несериозно, бидејќи депортацијата се случи на настојување и под контрола на претставници на нацистичка Германија“,
додаде Димитров.
Тој смета дека Бугарија во тоа време не ги поседувала тие територии, туку само управувала со нив.
„Тогаш нема македонска држава, тие се државјани на Југославија. А Југославија не само што ги депортира своите Евреи, туку се фалеше дека е првата земја што го решила еврејското прашање. На територијата на Србија има концентрациони логори во кои масовно биле истребувани локални Евреи“,
вели тој.