Предлозите што ги има МОН се новата учебна 2023/2024 година да започне на 11 септември и да заврши до крајот на јуни. Вториот предлог е да остане почетокот на вообичаениот датум 1 септември, а во текот на учебната година да има и краток пролетен распуст. Третиот предлог е учебната година да почне на 1 септември и да заврши како и досега, на 10 јуни

За околу десетина дена се очекува да имаме конечен став на кој датум ќе почне новата учебна година во септември, односно кој од трите предлози што ги има МОН е прифатлив, најави денеска министерот за образование и наука Јетон Шаќири.
Според Шаќири, наредната недела пред Комисијата за човечки ресурси, каде што се разговараат темите за образование, ќе бидат образложени трите предлози за почеток на учебната година.
„Ние како Министерство за образование и наука (МОН), за трите предлози, ги собравме сите мислења почнувајќи од учениците, родителите, наставниците и од синдикатите. Наредната недела, на Комисијата за човечки ресурси, каде се разговараат темите за образование, јас како министер ќе ги дадам сите три предлози. Во истата комисија ќе бидат вклучени од Унијата на средношколци, но и синдикатите за да го дадат своето мислење за делот за почеток на учебната година и мислам дека за 10 дена ќе имаме конечен став кој од предлозите ќе се прифати“,
рече Шаќири одговарајќи на новинарски прашања пред почетокот на Форумот за реорганизација на училишната мрежа.
Предлозите што ги има МОН се новата учебна 2023/2024 година да започне на 11 септември и да заврши до крајот на јуни. Вториот предлог е да остане почетокот на вообичаениот датум 1 септември, а во текот на учебната година да има и краток пролетен распуст. Третиот предлог е учебната година да почне на 1 септември и да заврши како и досега на 10 јуни.
Шаќири уште минатиот месец, кога ги најави трите предлози, рече дека има доволно време еден од овие предлози да почне да се реализира уште од овој септември затоа што, како што рече, во овој период од годината се донесува календарот за работа во текот на учебната година и тој се одобрува од Владата.
Во врска со реакции во јавноста и кај наставници дека во новата наставна програма по предметот Македонски јазик за шесто одделение е изоставена темата за историјата на македонскиот јазик односно дека таа ќе се изучува во погорните одделенија, Шаќири одговори дека до неговиот кабинет не е стигната реакција.
„Но, од овој момент штом има проблем, јас ќе ги повикам. Но, на истиот состанок ќе треба да бидат присутни и претставници од Бирото за развој на образование, како институција која ја има предложено програмата за тој предмет“,
рече министерот Шаќири.