На маргините на Светскиот економски форум во Давос, српскиот претседател Александар Вучиќ денеска разговараше и со црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ и, како што изјави за ТВ Пинк, го поканил да присуствува на претстојниот Самит на „Отворен Балкан“ кој треба да се одржи во Охрид. Според Вучиќ, секој што сака соработка е добредојден во иницијативата
Задоволни сме со она што го имаме. Односите меѓу Србија, Северна Македонија и Албанија никогаш не биле подобри, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ на Светскиот економски форум во Давос говорејќи за иницијативата „Отворен Балкан“, јави дописникот на МИА од Белград.
„Луѓето мислат дека треба да бркаме некого за да го оправдаме своето постоење. Не мораме. Ги поканивме сите. Среќни сме со тоа што го имаме, би сакале да имаме повеќе, но задоволни сме. Имаме добра соработка со сите“,
изјави српскиот претседател за ТВ Пинк од Давос.
Според Вучиќ, секој што сака соработка е добредојден во иницијативата.
На маргините на Светскиот економски форум во Давос, српскиот претседател денеска разговараше и со црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ и, како што изјави за ТВ Пинк, го поканил да присуствува на претстојниот Самит на „Отворен Балкан“ кој треба да се одржи во Охрид.
За време на форумот, а во однос на евроинтеграциите на земјите од регионот, Вучиќ кажа дека постои голем пад на популарноста на Европската Унија не само во Србија туку и во Северна Македонија и порача дека не може во секое време да се бара од една земја да ја менува својата политика како што некој ќе мисли дека треба да се менува.
„Србија е на европскиот пат и тоа е единствената политика на земјата, но немојте наместо тоа што го направивте за нас, да слушаме дека треба да воведеме санкции. Србите и граѓаните на Србија се сеќаваат на она што се случи пред повеќе од 20 години. Не можете да се преправате дека сè е исто. Треба да се обидете да разберете, да слушнете. Знаеме дека тоа е минато, но барем слушајте нè, слушнете ги нашите маки. Не ни повторувајте секој ден што сакате од нас. Ние имаме свој народ“,
додаде Вучиќ.