Претседателот на Србија говореше на посебна седница на Собранието на која беше претставен „Извештајот за преговарачкиот процес со привремените институции на самоуправата во Приштина“, од 15 јуни 2021 година до 1 септември 2022 година
Има јасни обиди за целосна промена на политичката арматура на преговорите за Косово и Метохија, рече претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во говорот во Собранието претставувајќи го „Извештајот за преговарачкиот процес со привремените институции на самоуправата во Приштина“, од 15 јуни 2021 година до 1 септември 2022 година.
Вучиќ го започна своето обраќање наведувајќи дека ситуацијата околу Косово е неповолна за Србија, особено по конфликтот во Источна Европа. Тој рече дека Србија никогаш, директно или индиректно, нема да го признае Косово.
„Веднаш да појаснам нешто – Србија нема директно ниту индиректно да ја признае еднострано прогласената независност на Косово ниту да се откаже од својата легитимна борба за државните и националните интереси и од борбата за почитување на меѓународното право“,
изјави Вучиќ.
„Тие сакаат да не убедат да тргнеме кон неформално, но суштинско признавање на Косово. Ова ќе биде претставено како подарок од небото и што и да кажеме, ќе имаме тешка ситуација. Не верувам во никаков договор со сегашното албанско раководство, бидејќи тие не сакаат да слушнат ништо друго освен аргументот на сила што беше применет во Србија во 1999 година“,
рече Вучиќ.
Тој го повика НАТО да го почитува својот мандат, а тоа е да се грижи за безбедноста на Србите на Косово и Метохија, а не да ги спроведува одлуките на властите во Приштина.
Вучиќ оцени дека суштинската причина за кризата во дијалогот меѓу Белград и Приштина произлегува од фактот што западниот свет не сака да ги почитува Повелбата на ОН и Резолуцијата 1244 во случајот со Србија, ниту пак се заинтересирани да ги почитуваат договорите постигнати во дијалог.
„Разговорите се водат под покровителство на Европската унија и ние сме на европскиот пат. Сепак, мора да имате предвид дека најмоќните земји од ЕУ го признаа Косово, како и Америка. Тие ја прифаќаат државноста на Косово и тие секогаш ќе стојат зад Албанците. Не сакам да имате илузии за тоа. Не постои политика што може да го промени тоа“,
рече Вучиќ во српскиот парламент.
Вучиќ изјави дека на српскиот народ му се случиле најтешките работи откако Албин Курти дојде на власт, но оцени дека зачувувањето на единството на српскиот народ меѓу Србите јужно и северно од Ибар е голем успех.
Ве уверувам дека опасноста на Косово и Метохија е блиска, објективна и сериозна, рече Вучиќ и нагласи дека Србија на ниту еден начин не учествувала во генерирањето на кризата.
„Се наоѓаме во момент кога Србија поради потезите на Приштина е изложена на значителни безбедносни предизвици“,
изјави Вучиќ во српското Собрание.
Презентирајќи го извештајот за преговорите меѓу Белград и Приштина, тој укажа на зголеменото присуство на специјалните сили на приштинската полиција на северот на Косово, нивното оружје и оклопни возила.
Според Вучиќ, нема вештачко создавање на криза на српската страна, „како што велат некои неодговорни политичари, медиумите и кај нас и во Косово“.
И покрај се, тој повтори дека Србија е постојано посветена на дијалогот, свесна дека единствениот разумен начин е мирното решавање на проблемот.
„Се друго води кон ескалација и потенцијален конфликт, што би било катастрофа за целата земја. Србија не е толку слаба како во 1998, 1999, 2004 и 2008 година. Ние сме посилни и поголеми во воена и полициска смисла, но поважно е да имаме повеќе интелигенција и мудрост и да знаеме каде се границите на сериозноста и одговорноста, да направиме се за да ги зачуваме мирот и безбедноста“,
рече Вучиќ.
Вучиќ рече дека треба да се понуди реално решение за Косово и Метохија и дека реалната политика не може да се заснова на митови.
Тој додаде дека вистинската политика не може да почива на „фатаморгани и митови“, а тоа значи дека сопствените митови мора да се приспособат разбирајќи ја нивната важност во создавањето на духот на целата нација и дека без нив тие нема да опстанат.
„Мораме да избегнеме несреќи и опасности кои често не сме успеале да ги избегнеме, да не гинеме залудно, да размислуваме како да развиеме сателити и вештачка интелигенција и да ја зајакнеме софтверската индустрија, а тоа ќе му даде нов живот на нашиот позитивен мит“,
рече Вучиќ.
„Како некој што се заколнал во Уставот на Србија, сè додека можам да влијаам, Србија ниту индиректно ниту директно ќе ја признае еднострано прогласената независност на Косово, ниту ќе се откаже од легитимната борба за државните и национални интереси и од борбата за почитување на меѓународното право. Политиката на Србија во однос на Косово и Метохија се води меѓу посакуваното и возможното, со тоа што народот има максималистички желби, а нашите можности се оскудни“,
изјави Вучиќ во српското Собрание.
Она што најмногу треба да го заштитиме се нашите луѓе на Косово и Метохија, нагласи тој и потсети дека позицијата на Србија е уште потешка поради големиот конфликт во Источна Европа.
„Хистеријата во меѓународната заедница се одразува на Србија и на нашите клучни државни интереси“,
истакна Вучиќ.
На крајот од излгањето, тој доби еднминутен аплауз од пратениците.
Се работи за посебна седница на Собранието на која е презентиран Извештајот од 50 страници и во него се наведени, како што се објавија тамоѓните медиуми, „активности во рамките на подготовката и реализацијата на преговорите“, од Сојузот на српските општини, полицијата, судството, енергијата до дијалогот на стопанските комори. , транспорт на опасни материи и исчезнати лица, што е последно поглавје.
Свои предлози за резолуции за Косово и Метохија поднесоа и пратениците од Двери и Народната партија, додека пратениците од Партијата на слободата и правдата најавија иницијатива за формирање парламентарна комисија која ќе создаде платформа за преговори.