Одлуката на српскиот претседател да го бојкотира денешниот Самит уследи откако ЕУ на вчерашниот состанок на Советот за општи работи одлучи да не го отвора Кластерот 3 во преговорите со Србија, наведувајќи дека се потребни понатамошни реформи во однос на владеењето на правото и нормализацијата на односите со Приштина
Српскиот претседател Александар Вучиќ објави дека нема да присуствува на Самитот ЕУ–Западен Балкан што денеска се одржува во Брисел и дека Србија нема да има свој претставник таму. Во синоќешното интервју за РТС, како причина за ваквиот потег, рече дека мора да ги штити интересите на Србија.

„Првпат во последните 13-14 години ниту јас, ниту кој било друг нема да отиде на таа меѓувладина конференција. Никој нема да ја претставува Србија, така што Западниот Балкан ќе биде без Србија“,
изјави Вучиќ за РТС.
Додаде дека во изминатите 24 часа разговарал со голем број европски лидери кои му изразиле поддршка.
„Бескрајно сум благодарен за почитта која кон Србија ја покажаа Урсула фон дер Лајен и Антонио Кошта. Благодарен сум му и на претседателот Емануел Макрон, со кого разговарав синоќа. Сметам дека сè што правам го правам за граѓаните на Србија. Без оглед на тоа што знам дека оваа одлука ќе предизвика критики, како во Брисел така и од оние кои секогаш критикуваат и тогаш кога не знаат што точно критикуваат. Верувам дека со ова ги штитам Србија и нејзините интереси бидејќи мора да покажеме што е тоа што сме направиле, а тоа е многу“,
изјави тој.
Повтори дека Србија ќе продолжи по европскиот пат додека е тој претседател.
Одлуката на Вучиќ да го бојкотира денешниот Самит уследи откако ЕУ на вчерашниот состанок на Советот за општи работи одлучи да не го отвора Кластерот 3 во преговорите со Србија, наведувајќи дека се потребни понатамошни реформи во однос на владеењето на правото и нормализацијата на односите со Приштина.
