Иако за првпат мнозинството српски граѓани не сакаат земјата да влезе во ЕУ, Вучиќ порача дека Србија ќе остане цврсто на европскиот пат. Притисокот врз неговата земја да го признае Косово, според неговата оценка, ќе биде силен, бидејќи сите европски лидери му рекле дека Путин го користел случајот со Косово за да оправда независност на Донецк и Луганск

Србија ќе биде посилна на европскиот пат, но и ќе биде под голем притисок откако рускиот претседател Владимир Путин направи паралела на Косово со Донецк и Луганск односно од Белград ќе се бара да ја признае косовската независност за Москва да не може да го користи овој случај како аргумент за своите акции во Украина.
Ова се дел од пораките кои српскиот претседател Александар Вучиќ ги пренесе во вонредно обраќање до јавноста.
Тој потсети и дека испитувањата на јавното мислење покажуваат дека првпат во неговата земја има јасно мнозинство граѓани кои се против влезот на Србија во ЕУ, но и дека негова работа како претседател не е да „подлегнува“ на јавното мислење.
„Наше е да го слушнеме, но наша работа е да го правиме тоа што е најдобро за државата“,
порача Вучиќ од палатата „Србија“.
Тој кажа дека разбира зошто дел од граѓаните се лути – затоа што ја доживуваат ЕУ како некој што врши секојдневни притисоци врз Србија поради Косово и санкциите против Русија, но порача дека неговата земја ќе остане на европскиот пат.
„Мојата порака денес е дека Србија се наоѓа на европскиот пат, дека ќе оди понатаму по тој пат и ќе се бори за место во семејството на европските народи“,
порача Вучиќ.
За прашањето за Косово и дијалогот со властите во Приштина тој рече дека тој и не постои. Од доаѓањето на Албин Курти на власт, како што рече, имаат дури 50 отсто повеќе меѓунационални инциденти и напади на Србите.
Дијалогот со Приштина, рече српскиот претседател, речиси и да не постои, а последниот состанок со Курти во Берлин го нарече „само обид за дијалог“.
„Господата од Приштина не сакаат дијалог. Го одбија и заедничкото соопштение кое требаше да биде објавено“,
рече Вучиќ.
Во однос на паралелата што ја прави Путин со Косово, тој потсети дека рускиот претседател за време на средбата со генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, се повикал на пресудата на Меѓународниот суд на правдата, според која, прогласувањето независност на Косово не било спротивно на меѓународното право и го искористил тоа како аргумент дека Донецк и Луганск, исто така, имаат право да прогласат независност од Украина.
Од тие причини, според Вучиќ, Србија ќе биде под најтежок притисок во периодот што претстои.
„Затоа Косово ќе биде најдоминантна тема за нас во наредниот период и веднаш да ви кажам – сите европски лидери ми рекоа дека Путин го користел случајот со Косово во нивните меѓусебни разговори“,
рече српскиот претседател.
Вучиќ кажа и дека не очекува Русија да го признае Косово, но очекува да се прави притисок Србија да го направи тоа за да не може Путин да го користи случајот како аргумент за руските активности во Украина.
„За да му се одземе тој аргумент на Путин, цел Запад ќе бара Србија бргу да ја признае независноста на Косово за да може да му кажат на Путин дека тоа не е ист случај“,
рече Вучиќ.
Во однос на прашањето со Русија, тој се пожали и дека неговата земја плаќа висока цена затоа што не вовела санкции.
„Не можеме да се појавиме на отворениот пазар на капиталот, ниту сме земја членка на НАТО, ниту на ЕУ, не воведовме санкции кон Русија. Успеавме да се задолжиме неколку милијарди помалку од тоа колку успеавме да вратиме за кредитите од почетокот на годината – 188 милијарди вративме, 181 милијарди се задолживме“,
рече Вучиќ, додавајќи дека јавниот долг на Србија во моментов изнесува 52,4 отсто од БДП.
Српскиот претседател зборуваше и за зависноста на неговата земја од рускиот гас и најави преговори со руската компанија „Газпром“ за купување гас.
„Ние сме стопроцентно зависни од рускиот гас и така ќе биде уште најмалку две години. Не можам да ви зборувам за бајки, убаво звучат, но ние мораме да обезбедуваме гас за стопанството и домаќинствата“,
порача Вучиќ додавајќи дека новиот договор со „Газпром“ мора да се постигне до крајот на мај.
Според него, решение за енергетска независност се модуларни нуклеарни реактори зашто тие нудат најчиста и најисплатлива енергија.