Важно е да го заштитиме своето и да го зачуваме граѓанскиот мир, кажа Вучиќ по инцидентот во Нови Сад кога дојде до судир меѓу демонстрантите и поддржувачите на СНС
Претседателот на Србија Александар Вучиќ вечерва ги посети просториите на Српската напредна странка во Белград, а потоа се приклучи кај неговите поддржувачи пред шаторите во Пионирскиот парк, од каде порача дека е важно да се зачува граѓанскиот мир , но и „да се заштити своето“. Тој додаде дека неговите поддржувачи не сакаат ништо да уништат и дека тој нема да повикува на конфликти. Вучиќ порача и дека доаѓаат големи промени во државниот апарат.
Неговото обраќање следуваше по инцидентот што се случи на протестите во Нови Сад, кога дојде до судир меѓу Студентите во блокада и демонстрантите, со приврзаници на неговата партија.
„Лоши вести доаѓаат вечерва од Нови Сад. Тие брутално ги нападнаа споредните простории на СНС. Има многу повредени граѓани“,
кажа Вучиќ.
Неколку граѓани се повредени на протестите вечерва во Нови Сад каде околу 21 часот дојде до судир меѓу две групи – граѓаните кои протестираат со Студентите во блокада и поддржувачите на Српската напредна странка, од друга страна.
Првично, како што пренесоа медиумите, имало меѓусебни вербални напади кога демонстрантите стигнале до просториите на СНС, а потоа шеесетина поддржувачи на владејачката партија почнале да фрлаат со пиротехнички средства, петарди, шишиња и камења кон демонстрантите.
Полицијата интервенираше со опрема за разбивање толпа, по што ситуацијата се смири, но тензично е и во другите градови каде полициски кордони ги раздвојуваат демонстрантите и приврзаниците на претседателот Александар Вучиќ.
Меѓу повредените има и полицајци, а министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ кажа дека ќе бидат идентификувани сите кои гаѓале кон полицијата.
„Еден полицаец е повреден. Имаше масовен напад и полицијата мораше да интервенира. Во други градови низ Србија има и напади врз полицијата или членовите на СНС кои се пред просториите. Улогата на полицијата е да го заштити јавниот ред и мир и ги предупредуваме сите да го почитуваат законот. Повикуваме на мир, ги повикуваме сите да се воздржат од вакви провокативни дејствија“,
кажа Дачиќ.
Протести вечерва има во Белград и други градови низ државата, на повик на Студентите во блокада кои ги повикаа граѓаните да излезат на улица откако поддржувачи на СНС вчера нападнаа демонстранти во Врбас и Бачка Паланка.