Лидерите во Белград и во Приштина да придонесат за помирување, а не да работат спротивно, реагираше Европската Унија откако српскиот претседател Александар Вучиќ на Инстаграм објави фотографија на која мапата на Косово е покриена со српско знаме, а со неа напиша и коментар дека Косово е „српски крст“.
Официјални претставници на ЕУ, пак, ги предупредија лидерите да се воздржат од активности што ќе влијаат на процесот на нормализирање на односите.
„Како што рековме многу пати во текот на годините, Србија и Косово треба да се воздржат од акти и изјави што се контрапродуктивни за нормализирање на нивните односи и да работат на постигнување сеопфатен договор. ЕУ секогаш ги повикуваше сите политички чинители во Србија, Косово и остатокот од регионот да се вклучат во активности и декларации што создаваат и промовираат атмосфера погодна за помирување, регионална стабилност и соработка, наместо да го прават спротивното“,
изјави портпаролот на ЕУ.
Објавата на социјалната мрежа Вучиќ ја направи по повод годишнината од насилството во Косово, што се случи на 17 март 2004 година.
„Косово не е наше бреме, туку наш крст, и од крстот подобро се гледа воскреснувањето отколку од под него“,
напиша Вучиќ.