Драган Вучиќ бил во тешка здравствена состојба и повеќе од една недела бил лекуван на интензивна нега, со тежок наод белите дробови, соопшти министерот за здравство Венко Филипче, кој ја потврди смртта на познатиот македонски музичар и ТВ-водител.
„Утрово на Инфективната клиника од коронавирусот почина нашиот познат музичар, композитор и ТВ-водител, Драган Вучиќ. Тој беше хоспитализиран пред осум дена откако состојбата му се влошила и оттогаш е лекуван на Одделението за интензивна нега. И покрај сите напори на лекарите и целиот стручен тим, Вучиќ со многу тежок наод на белите дробови, за жал, му подлегнал на вирусот. Упатувам искрено сочувство до семејството и блиските“
напиша на Фејсбук министерот за здравство Венко Филипче.
Од Министерството за здравство засега не откриваат повеќе детали дали Вучиќ имал и други заболувања и дали со ковид-19 се заразени членовите на неговото семејство, како што пишуваат дел од медиумите.
Драган Вучиќ беше автор на многу емисии од забавен карактер, како „Вашите 5 минути“, „Возење со Вучиќ“, а последен негов ТВ-проект беше „Гурмански муабети“ што го снимаше во повеќето балкански земји со познати музичари, актери и јавни личности.