Состанокот на српскиот претседател со претставниците на Квинтата (САД, Велика Британија, Франција, Германија и Италија) доаѓа еден ден откако косовската полиција го уапси Милун Миленковиќ-Лунет на северот на Косово. Според изјавата на косовскиот министер за внатрешни работи Џелал Свечља, Миленковиќ се товари дека бил еден од организаторите на нападот врз припадниците на мисијата на НАТО на Косово – КФОР и косовската полицијата што се случи во Звечан пред две седмици
Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека нема да соопшти ништо по средбата со претставниците на земјите од Квинтата и со шефот на делегацијата на Европската Унија.
„Донесов одлука да не кажам ниту еден единствен збор за состанокот со претставниците на земјите од Квината и со шефот на делегацијата на ЕУ во Србија. Сметам дека тоа е најдобро за сите“,
напиша Вучиќ на Инстаграм.

Претседателот на Србија денеска се сретна со претставници на Соединетите Американски Држави, Велика Британија, Франција, Германија и Италија, како и со шефот на делегацијата на ЕУ во Белград. Средбата, како што пренесува РТС, се одржала во зградата на Генералниот секретаријат на претседателот на Република Србија.
Состанокот доаѓа еден ден откако косовската полиција го уапси Милун Миленковиќ-Лунет на северот на Косово. Според изјавата на косовскиот министер за внатрешни работи Џелал Свечља, Миленковиќ се товари дека бил еден од организаторите на нападот врз припадниците на мисијата на НАТО на Косово – КФОР и косовската полицијата што се случи во Звечан пред две седмици.
Ноќта на северот на Косово, по вчерашното апсење на Миленковиќ, минала мирно. Нему, како што потврдил неговиот адвокат за РТС, му е одреден притвор од 48 часа.
Тензиите на северот на Косово добија на интензитет кон крајот на мај кога градоначалниците Албанци избрани на локалните избори одржани во април, а кои беа бојкотирани од локалните Срби, со помош на специјалните на косовската полиција влегоа во општинските згради во три од четирите општини со мнозинско српско население – Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток.
Ваквиот потег наиде на жестоки реакции кај српското население кое на 26 мај излезе на протести и се судри со косовската полиција. Три дена подоцна, на 29 мај, дојде до судир и со припадниците на мисијата КФОР, во кои беа повредени неколку војници на мисијата и локални Срби кои учествуваа во протестите.
Европската Унија на 3 јуни побара од косовските власти да придонесат во деескалација на ситуацијата и веднаш да ги прекинат полициските операции во близина на општинските згради на северот на Косово. Од ЕУ побараа и новоизбраните градоначалници во четирите општини на своите работни задачи да ги извршуваат во други простории, надвор од општинските згради, како и распишување на нови предвремени локални избори во најкраток можен рок.
Во меѓувреме, косовскиот премиер Албин Курти се најде под жестоки критики од меѓународната заедница, според која тој одбива да соработува во спроведувањето на барањата за деескалација на тензиите на северот на Косово.
Како што објави регионалниот сервис на Радио Слободна Европа повикувајќи се на дипломатски извори, кабинетот на високиот претставник на Европската Унија за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел подготвил предлог за пакет мерки насочени против владата на Косово и премиерот Албин Курти, поради недостатокот на политичка волја да ги преземат неопходните мерки за деескалација на ситуацијата северот на Косово.
Ова го потврди портпаролот на ЕУ, Петер Стано, кој вчера изјави дека кабинетот на шефот на европската дипломатија споделил со земјите-членки на ЕУ „нацрт мерки што треба да се преземат доколку премиерот Курти не преземе соодветни и итни чекори за деескалација на ситуацијата и намалување на тензиите“.