Тој истакна дека му е важно да се исполнат гаранциите на меѓународната заедница врз основа на кои Србите на северот на Косово ги отстранија барикадите од граничните премини кон Србија
Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави дека очекува во првата половина на јануари следната година во Белград да дојдат меѓународни претставници кои ќе инсистираат Србија и Косово да постигнат договор за нормализација на односите.
„Очекувам да ми дојдат великани од светот и да ми кажат дека мораме да постигнеме договор. Нè чекаат тешки времиња во однос на Косово и Метохија, но ние ќе се бориме“,
рече тој.
Српскиот претседател рече дека тоа му предизвикува мачнини, но дека тоа е негова работа, па ќе ги пречека и, како што иронично додаде, ќе се прави дека му е убаво.
„Ќе се преправам дека сум уживал во тие прекрасни разговори. А потоа мачењето ќе продолжи со Курти, каде што знам дека никогаш нема да направи ништо, каде што знам дека не сака помирување, инаку немаше да прави провокации секој ден. Но, што да се прави“,
рече Вучиќ, пренесува РТС.
Тој истакна дека му е важно да се исполнат гаранциите на меѓународната заедница врз основа на кои Србите на северот на Косово ги отстранија барикадите од граничните премини кон Србија.
„Ситуацијата е многу поопасна и потешка отколку што мислите“,
рече Вучиќ откако локалните Срби 20 дена држеа барикади на премините на северот на Косово.
Тој изјави дека се плаши од неодговорноста на одредени претставници на меѓународната заедница и од „ароганцијата“ на приштинските власти.
Претседателот на Србија изјави дека нема проблем со тоа што многумина мислат дека Косово е независно, но дека тој не мисли така.
На новинарско прашање да ги коментира изјавите на поединци дека дава лажна надеж дека Косово е Србија, тој рече дека постои Устав на Србија што ќе го почитува додека не се смени.
Амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Србија Кристофер Хил вчера изјави дека рече дека е важно по јануарските празници „да се искористи моментумот кон политичко решение за Косово“.
Хил за „Евроњуз Србија“ изјави оти смета дека тогаш ќе се видат напори во оваа насока и, како што оцени, ќе се направат многу активности со цел да се преземат неопходните политички чекори во процесот на дијалогот, „за да се оди напред“.
„Ќе видиме напори од европска страна и од наша страна да се обидеме да направиме нешто“,
рече тој.
Хил оцени дека решението ќе зависи „и од умешноста на посредниците, но и од самите преговарачи“, односно, како што рече, од учесниците во преговорите „да размислат што носи оваа криза“.
„Зарем мислат дека ако имаат криза ќе донесат инвеститори, обично инвеститорите не се заинтересирани да дојдат во земји кои постојано се во кризи“,
рече Хил.
Тој го оцени отстранувањето на барикадите од северот на Косово како позитивен сигнал.
Вчера и британскиот државен министер за Европа, Лео Докерти најави дека е задоволен од отстранувањето на барикадите на северот на Косово и смета дека тоа е важен чекор за намалување на тензиите.
Pleased to see barricades in northern Kosovo being removed, an important step in diffusing tensions.
— Leo Docherty MP (@LeoDochertyUK) December 29, 2022
All parties should now help foster a climate of reconciliation and work towards an agreement to normalise relations for the benefit of all their citizens.
„Сите страни сега треба да помогнат да се создаде клима на помирување и да работат на постигнување договор за нормализирање на односите во корист на сите нивни граѓани“,
напиша Докерти на Твитер.
На северот на Косово беа отстранети барикадите што ги поставија Србите поради апсењето на нивните сонародници и пристигнувањето на специјалните единици на косовската полиција. По гаранциите што ги добија тамошните Срби и намалувањето на тензиите, состојбата на зголемена борбена готовност на Војската на Србија беше укината, патиштата се проодни, но граничните премини „Јариње“ и „Брњак“ уште се затворени.