Вучиќ кажа дека во текот на денот на српската јавност ќе ѝ ги објасни деталите во врска со посетата на министерот Лавров, а за тоа, како што изјави Вучиќ, повеќе ќе зборува на вечерашниот „Дневник“ на српскиот национален сервис РТС
Рускиот амбасадор во Србија, Александар Боцан-Харченко, денеска го информира српскиот претседател Александар Вучиќ за причините што го спречија доаѓањето на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров во Белград, а Вучиќ изрази незадоволство од околностите кои го спречија неговото доаѓање, јави Данас.
Вучиќ кажа дека во текот на денот на српската јавност ќе ѝ ги објасни деталите во врска со посетата на министерот Лавров, а за тоа, како што изјави Вучиќ, повеќе ќе зборува на вечерашниот „Дневник“, кој се емитува во 19:30 часот на српскиот национален сервис РТС.
На средбата со рускиот амбасадор, Вучиќ истакна дека и покрај сè, Србија ќе ја зачува независноста и автономијата во политичките одлуки, ќе го продолжи европскиот пат и ќе ги негува традиционалните пријателски и партнерски односи со земјите на сите континенти и ќе ја зачува воената неутралност.
Воедно, на средбата беше кажано дека наскоро се очекува да се одржи средба на шефовите на српската и руската дипломатија Никола Селаковиќ и Сергеј Лавров, а српскиот претседател рече дека се надева оти наскоро ќе се вратат времето на мирот и соработката, а дијалогот и разговорот ќе станат единственото средство за комуникација во современиот свет.
Инаку, денеска посетата на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на Србија беше откажана откако околните земји – Северна Македонија, Бугарија и Црна Гора го затворија својот воздушен простор за неговиот авион.
На тоа рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека ситуацијата со посетата на Србија е незамислива, но оти никој нема да може да ги уништи односите со Србија, додавајќи дека НАТО и ЕУ сакаат да го претворат Балканот во свој проект наречен „затворен Балкан“.
Зборувајќи за можниот одговор на земјите кои му забранија на неговиот авион да лета за Србија, рускиот министер за надворешни работи рече дека Русија нема да направи ништо што може да ги наруши односите меѓу луѓето.
Во врска со одлуката на трите држави – С Македонија, Црна Гора и Бугарија не дадоа дозвола за летање на неговиот авион преку нивниот простор, тој рече дека би се рекло дека тие самите ја донеле таа одлука, но додаде „но знаеме како било“.
Во меѓувреме, од Министерството за надворешни работи (МНР) на земјава изјавија дека го одбиле барањето на руската амбасада за специјално одобрение за користење на воздушниот простор за лет до Белград, додавајќи дека Владата веќе има донесено општа одлука за затворање на воздушниот простор на Северна Македонија за авиопревозници во сопственост на Руската Федерација.