Претседателот на Србија го отвори седмиот „Саем на родниот крај“ во Нови Сад, каде што одржа говор, а потоа беше на ручек со претседателот на СНС, новосадскиот градоначалник, претседателката на покраинската влада и министерката за економија
Српскиот претседател Александар Вучиќ вчера беше во ненајавена посета на Нови Сад, првпат по 15-месечните антивладини протести предизвикани од трагедијата на новосадската железничка станица, кога при уривање на натстрешницата загинаа 16 лица. Посетата не беше најавена за медиумите, а за неа Вучиќ објави на Инстаграм.
Вучиќ го отвори седмиот „Саем на родниот крај“ во Нови Сад, каде што одржа говор.

По Саемот, Вучиќ на Инстаграм објави дека бил во кафеана на Петроварадинската тврдина заедно со претседателот на Српската напредна странка, Милош Вучевиќ, со градоначалникот на Нови Сад, Жарко Миќин, претседателката на покраинската влада Маја Гојковиќ и министерката за економија Адријана Месаровиќ.
„На Петроварадинската тврдина со Маја, Адријана, Жарко и Милош, со чаша домашно Пино Гри, ја бистриме светската политика и правиме планови за забрзан развој на Нови Сад“,
напиша Вучиќ во описот на фотографијата.
Српскиот претседател последен пат беше во Нови Сад на 5 ноември 2024 година, вечерта на првиот масовен антивладин протест, кога демонстрантите побараа оставка од властите поради смртта на 16 лица при уривањето на натстрешница на железничката станица на 1 ноември истата година.
Во врска со вчерашната посета на Вучиќ на Нови Сад реагираа дел од српските опозициски партии, обвинувајќи го претседателот на Србија дека уште еднаш ги навредил жртвите и сите граѓани со својата кратка и ненајавена посета на Нови Сад која, како што рекоа, е доказ за поразот на неговите политики.
