Денешниот инцидент, според српскиот претседател бил обид на опозицијата да ги радикализира протестите на студентите бидејќи, како што вели, почнале да забележуваат дека поддршката за нив се намалува и дека луѓето не сакаат насилство
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, вечерва во телевизиско гостување коментирајќи го инциндентот во парламентот изјави дека денеска бил тежок ден за земјата и за секој нејзин нормален граѓанин, поради, како што кажа, насилничкото и хулиганско однесување на опозицијата.

Говорјеќи за ТВ Пинк, Вучиќ кажа дека сцените на кои биле сведоци денеска во српскиот парламент не се видени од воспоставувањето на повеќепартискиот систем во земјата и дека ќе бараат кривична одговорност за оние што ги предизвикале.
„Чекаме да видиме што ќе каже Обвинителството, но нема да мируваме додека тие што го направија ова не одговараат“,
рече Вучиќ, пренесе РТС.
Во инцидентот во Народното собрание во Белград, во кој изби тепачка, летаа шишиња и беа запалени димни бомби, повредени се три пратенички од кои една, Јасмина Обрадовиќ, доживеала мозочен удар и се наоѓа во болница.
Српскиот претседател, кој денеска ја посети Обрадовиќ во болница, рече дека таа е во стабилна состојба, според него во добра состојба е и пратеничката Соња Илиќ, која, како што кажа, била во осмиот месец од бременоста.
Вучиќ во телевизиското гостување рече и дека пратеникот Милош Јовановиќ со пепер-спреј ја испрскал пратеничката Јасмина Каранац, додавајќи дека разговарал и со неа.
Говорејќи за настанот, тој им се заблагодари на дел од пратениниците и министрите, како и на претседателката на српскиот парламент, Ана Брнабиќ, за, како што кажа, достоинственото и храбро однесување на седницата.
Вучиќ додаде дека претставниците на опозицијата димните бомби направени од картон и пластика ги внеле во зградата на парламентот користејќи се со измамнички методи.
Според него, пиротехничките средства тие успеале да ги внесат скриени во долната облека.
Денешниот инцидент, според српскиот претседател бил обид на опозицијата да ги радикализира протестите на студентите бидејќи, како што вели, почнале да забележуваат дека поддршката за нив се намалува и дека луѓето не сакаат насилство.
Српскиот премиер Милош Вучевиќ го оцени инцидентот како политички тероризам од страна на дел од пратениците на опозицијата, додавајќи дека нивното однесување нема никаква врска со политика, протести, трагедијата во Нови Сад, ниту, пак, со барањата на студентите.

Додаде дека му е многу тешко што вакви слики од Србија денеска ќе се најдат во сите медиуми ширум светот и оти неодговорни луѓе фрлиле дамка на цела Србија.
„Можам да ја замислам радоста на (Албин) Курти и некои други во регионот. Курти го патентираше и работеше сето ова во покраинскиот парламент во Приштина пред неколку години. И сега ова стигна до нашиот национален парламент, Националното собрание. За мене ова е навистина неверојатно однесување“,
рече Вучевиќ.
Говорејќи околу можната одговорност, тој истакна дека се надева оти одговори ќе добијат од Обвинителството бидејќи, како што рече, имунитетот не им дава право на пратениците да го прават тоа што го направиле.
„(Пратеничкиот) имунитет не треба да штити од вакви работи. Па, нема пратенички имунитет да фрлаат топовски гранати врз други пратеници… Тоа не е суштината на имунитетот на пратениците. Сигурно законодавецот тоа го немал на ум кога го пишувал или го дефинирал имунитетот“,
кажа српскиот премиер.
Од друга страна, пак, дел од опозициските пратеници за инцидентот ја обвинија владејачката Српска напредна партија (СНС) и претседателката на парламентот, Ана Брнабиќ.
Првото основно обвинителство во Белград, како што пренесе регионалниот сервис на Радио Слободна Европа, испратило барање до полицијата да ги собере потребните информации во врска со инцидентот заради утврдување на идентитетот на лицата кои ги внеле и употребиле пиротехничките средства, како и начинот на кој тие биле внесени во зградата на парламентот.
Наредено е да се утврди и идентитетот на лицата кои, како што се наведува, фрлале разни предмети и со тоа им нанеле повреди на пратениците.
Во соопштението од Обвинителството наведуваат дека е наредено утврдување и на идентитетот на повредените пратеници, како и прибирање медицинска документација за здобиените повреди.

Инаку, по смирувањето на ситуацијата седницата продолжи до попладневните часови, а нејзиното продолжение претседателката на српскиот парламент Ана Брнабиќ го закажа за утре во 10 часот.
Таа ѝ порача на опозицијата дека ако немаат ништо посилно од шок-бомби и солзавец и противпожарни апарати, да не се појавуваат, бидејќи денеска со тоа не ги исплашиле.
„Пратениците од мнозинството денеска покажаа како се зачувува достоинството на Собранието, а опозицијата покажа како сака да го погази не само достоинството на Собранието, туку и на Србија. Да се повлечевме по шок-бомбите, тоа ќе значеше дека секој дивјак, насилник и терорист и кукавица можеше да ја блокира работата“,
рече Брнабиќ на крајот на денешната седница.