Српскиот претседател, Александар Вучиќ, денеска го продолжи конфликтот со телевизијата Н1 со одговорот на прашањето – дали ќе ги почитува протоколите на здравствените власти и ќе се тестира за коронавирус откако тоа го препорача Американско-израелскиот комитет за јавни работи AIPAC за сите оние што присуствувале на конференцијата на оваа организација во Вашингтон од 1 до 3 март.
Двајца њујорчани, кои биле дел од настанот, се заразени со коронавирус, па организаторите од AIPAC препорачуваат проверки на другите учесници, меѓу кои беше и Вучиќ.
На прашање на телевизијата Н1 дали ќе го следи протоколот, претседателот Вучиќ одговори дека ќе се тестира ако ТВ Н1 уште два пати го емитува филмот „Владетел“.
Станува збор за тричасовен документарец, во два дела, на авторот Славиша Лекиќ, во кој, како што напиша Дојче веле, преку документарни снимки и цитати, прошарани со лични осврти на интелектуалци, новинари и медиумски експерти, се прикажува неразубавена и нефризирана политичка биографија на Александар Вучиќ.

„Вие, всушност, сакате да одам да се тестирам, особено на коронавирус, надевајќи се дека нешто ќе се случи, бидејќи ако не се случи, тогаш ќе му зборувате на народот дека имам коронавирус. Ќе дадам се од себе за да го послушам советот на Н1. А само под еден услов – уште два пати да го репризирате филмот ‘Владетел’. Јас сум ‘дилмејкер’, уште два пати да го репризирате тој генијален филм и веднаш отидов да се тестирам. И веднаш потоа, ако сум негативен, да ме пуштите да водам кампања до 26 април, ако може, да не измислите дека ме удрил метеорит преку ноќ или нешто друго затоа што тоа ви е целта, а ако биде поинаку, јас сум секако готов. Што да правам тогаш, тогаш за мене повеќе ќе се грижат мајка ми и татко ми отколку вие. И второто прашање беше…?“,
рече Вучиќ.
Н1: „Јас ве прашав за протоколите…“
„Ма, пуштете ги вие протоколите, ви одговорив. Два пати реприза на филмот ‘Владетел’, веднаш одам на тест, нема никакви проблеми“,
рече Вучиќ.
„Владетел“ беше емитуван на ТВ Н1 во февруари и на јутјуб во многу краток период надмина еден милион прегледи. Потоа, во рекорден рок беше организирана и снимена друга група интелектуалци, новинари и медиумски експерти, кои во продукција на телевизијата „Пинк“ учествуваат во контра-филмот „Прогон“.