Дали за три или шест месеци, избори во Србија сигурно ќе има во следните седум месеци, најави Вучиќ од Будимпешта

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска најави дека изборите во Србија ќе се одржат многу брзо, за три или шест месеци, а најдоцна за седум месеци.
Тој пред новинарите во Будимпешта, каде што е во дводневна посета, изјави дека локалните и покраинските избори се регуларни, а најверојатно ќе се одржат и парламентарни избори.
Вучиќ, коментирајќи ја изјавата на потпретседателката на Партијата за слобода и правда, Мариника Тепиќ, дека владата во Белград веќе паднала, „само не го знае тоа“ и дека поради кукавичлук не распишал избори во Белград, нагласи дека „сто пати“ ја прашал опозицијата кога сакале да одржат избори.
„Па, ова не е фонтана на желби, да барате избори во Белград. Многу брзо ќе има избори. Дали за три или шест месеци, избори сигурно ќе има во следните шест до седум месеци“,
нагласи Вучиќ.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска во Будимпешта се сретна со премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, и по тој повод порача дека секоја средба со него е важна, но дека денешната има посебна симболика.
Вучиќ, кој е во дводневна посета на Унгарија, денеска попладне ќе се сретне со претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, кој исто така престојува во Будимпешта.