Српскиот претседател, во интервју за „Блиц“, вели дека својот личен став кон ова прашање го покажал со изборот на премиерката на Србија, ама дека Уставот не дозволува истополови бракови
Српскиот претседател Александар Вучиќ најави дека нема да потпише закон за истополови бракови во Србија, коментирајќи дека тоа е спротивно на српскиот Устав. Тој рече дека својот личен став кон ова прашање го покажал со изборот на премиерката на Србија,ама дека, од друга страна, не е голем застапник на истополови бракови.
„Не знам што планира Собранието кога станува збор за законот за истополови заедници. Ама, како претседател на Србија, јас сум обврзан да го штитам Уставот и не можам да го потпишам тој закон“,
вели Вучиќ во големо интервју за „Блиц“.
Toj објаснува дека според членот 62 од Уставот на Србија, мажот и жената влегуваат во брачни односи по своја волја пред државните органи, така што со потпишување на закон за истополови бракови тој би го прекршил највисокиот правен акт на државата.
„Уставот се однесува на Семејниот закон, кој го дефинира бракот како заедница на маж и на жена. Затоа, не би можел да го потпишам законот за истополови заедници и би го вратил во Собрание“, –
вели Вучиќ.
На прашање за неговиот личен став кон законот и зошто да не се дозволи една малцинска заедница да ги користи своите права, со оглед на тоа што и такапретстојат промени на Уставот што се однесуваат на судството, Вучиќ вели:
„Не ја исклучувам можноста ова да се промени во иднина, но денес е вака .Јас ја покажав мојата лична врска со избирање на Ана Брнабиќ за премиер, но во исто време не сум жесток застапник на истополови заедници. “
Запрашан дали е свесен дека ќе има бурни реакции од двете страни, без разлика дали законот ќе биде усвоен или не, Вучиќ вели дека не го интересираат реакциите.
„Не ме интересираат реакции. Наша работа е да ја направиме Србија модерна и нормална земја, но и земја во која се почитува правниот поредок“,
вели Вучиќ.