Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на својот официјален инстаграм-профил соопшти дека во тек се последните анализи пред потпишување на рамковниот договор за изградба на брзата пруга Белград-Ниш-Прешево.
Иако изградбата на оваа модерна железничка делница, каде што возовите би се движеле до 200 километри на час, е повеќепати најавувана, датумот на почетокот на работите сè уште не е познат. Она што сепак е најавено е нејзиниот завршеток – почеток на 2026 година, јави дописникот на МИА од Белград.
„Последната анализа пред потпишувањето на рамковниот договор за изградба на брзата железница Белград-Ниш-Прешево, изградба на нови делници од пругата во Србија, како и модернизација на постојните. Железничкиот сообраќај е дел од зелената агенда на модерна Европа, но и дел од економијата која забрзано придонесува за раст. Во следните 2 месеци очекуваме големи договори за нашата земја“,
соопшти претседателот на Србија на својот инстаграм-профил.
Изградба на брзата пруга од Белград до Ниш и Прешево до границата со Северна Македонија, Вучиќ ја најави на крајот на април за време на посетата на Брисел. Како што изјави тогаш, тој проект ќе биде делумно финансиран од европски фондови со најмалку 35 отсто учество, а неговото завршување го најави за почетокот на 2026 година.
„Ни се брза, бидејќи Србија мора да достигне чекор со развиената Европа, а целата нација да ја потсетиме на фактот дека возовите постојат во Србија, дека се почисти и поубави од кога било и дека пругите ќе ни бидат модерни и побрзи. Да живее Србија“,
напиша Вучиќ.
Вучиќ неодамна рече дека со изградбата на таа пруга Ниш ќе стане апсолутен центар на Југоисточна Европа.