„Оваа средба ја симболизира посветеноста за зајакнување на билатералните односи и заедничката работа за решавање на глобалните предизвици“, објави српскиот претседател по средбата со Доналд Трамп Помладиот во Белград
Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска во Белград се сретна со Доналд Трамп Помладиот, синот на американскиот претседател. Во објава на својот профил на Инстаграм, Вучиќ сподели дека разговарале за билатералните односи меѓу Србија и САД и за актуелностите на глобалната политичка и економска сцена.

„Ја истакнав важноста на економските и политичките односи меѓу Србија и САД и важноста на стратегиската соработка меѓу двете земји и заедничките проекти во наредните години. Оваа средба ја симболизира посветеноста за зајакнување на билатералните односи и заедничката работа за решавање на глобалните предизвици“,
напиша Вучиќ во објава на профилот на Инстаграм.
По средбата, српскиот претседател му го покажал погледот на Белград од терасата на Претседателството на Србија.

„Среќен сум што нашиот драг гостин можеше да почувствува дел од енергијата и да го види нашиот главен град кој ги спојува минатото и иднината, традицијата и иновациите. Се надевам дека ќе уживате во секој момент поминат во Србија и верувам дека ова ќе биде почеток на уште посилни односи меѓу нашите земји! Заедно градиме посилни врски и посветла иднина!“,
додаде Вучиќ.
Доналд Трамп Помладиот е претприемач, извршен потпретседател на Организацијата „Трамп“ и еден од клучните советници на татка си. Одигра голема улога во изборната кампања на Трамп. Тој е најстарото дете на претседателот на САД и е еден од членовите на семејството Трамп кој беше поактивен за време на изборната кампања.