Во обраќањето до јавноста од српското претседателство, Вучиќ рече дека поради притисоците со кои се соочил на самитот во четвртокот, во врска со воведувањето санкции против Русија, не треба да се оди во друга крајност – хистерија против ЕУ
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска изјави дека на самитот на лидерите на ЕУ и на Западен Балкан, 16 од 27 членки на Унијата директно или индиректно зборувале за неопходноста Србија да се приклучи на санкциите против Русија, но тоа, како што рече, не значи дека Белград треба да го напушти европскиот пат.
Во обраќањето до јавноста од српското претседателство, Вучиќ рече дека поради притисоците со кои се соочил на самитот во четвртокот, во врска со воведувањето санкции против Русија, „не треба да се оди во друга крајност“.
„Гледам дека во земјата владее голема хистерија против ЕУ, но не треба да мислиме дека можеме да имаме подобри партнери од оние од ЕУ или дека можеме да имаме некој друг политички пат. Не заборавајте дека парите што ги имаме ги имаме благодарение на огромниот број инвестиции кои се претежно од ЕУ и поддршката што ја имаме од Унијата“,
рече Вучиќ.
Српскиот претседател појасни дека ова го кажува „бидејќи мора да има рационален пристап во политиката, а барем понекогаш глас на прагматичен пристап кој ги зема предвид интересите на Србија“.
„Вработуваме 300 000 луѓе во странски компании, а индиректно 500 000 луѓе. Повеќето од овие компании, најмалку две третини, се компании од ЕУ. Иако не сакаат да слушнат колку е важно за нас да одлучуваме за воведување санкции и како многу Кинезите и Русите се важни, ние го продолжуваме европскиот пат“,
рече Вучиќ.
Тој рече дека Србија „мора да направи многу на европскиот пат до декември“, пред се во областа на владеењето на правото.