Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, како лидер на партијата Српската напредна странка (СНС) која победи на парламентарните избори, вечерва го соопшти неговиот предлог за мандатар за формирање на новата влада.
Тој ја предложи актуелната премиерка Ана Брнабиќ за мандатарка, за која ова ќе биде втор мандат на премиерската позиција.
Предлогот Вучиќ го соопштува по повеќе од три месеци од парламентарните избори кои се одржаа на 21 јуни.
Објавувајќи го предлогот, Вучиќ рече дека станува збор за жена која во нејзиниот претходен мандат не се додворувала на никого туку остро се борела за својата земја и за граѓаните на Србија.
Не се додворуваше, рече Вучиќ, ниту дома ниту кај странските центри на моќ. Тој додаде и дека нема што да ѝ замери на Брнабиќ во однос на крупните прашања и одлуки.
Брнабиќ стана премиерка на Србија по претседателските избори во 2017 година. Таа дојде на местото на Вучиќ, кој ја напушти премиерската фотелја по победата на изборите за претседател.
Две нови министерства
Вучиќ на прес-конференцијата рече дека предложил да се формираат и две нови министерства: Министерство за човекови права, родова еднаквост и социјален дијалог и Министерство за семејство, деца и демографија.
Тој презентираше уште едно негово барање до мандатарката Брнабиќ, а тоа е во новата владата 50 отсто од членовите да бидат жени.
Според него, пред идната влада се три предизвици. Еден е косовското прашање, потоа ковид-кризата и третиот е да се одржи економијата во услови на пандемијата.