По денешната средба со специјалниот претставник на американскиот претседател за дијалогот Белград-Приштина, српскиот претседател изјави дека за неговата земја е многу важна поддршката од САД за малите и средни претпријатија
Претставникот на претседателот на САД за дијалогот меѓу Белград и Приштина Ричард Гренел изјави денеска во Белград дека Доналд Трамп планира да ја посети Србија, но дека се уште нема датум за посетата, пренесува Н1.
„Кога бевме во овалната соба претседателот Вучиќ му предложи на претседателот Трамп да ја посети Србија Јас знам каква е реакцијата на претседателот Трамп кога ќе се посвети на нешто. Таа преземена обврска е навистина реална и тој и Иванка изразија желба да дојдат во Белград“,
рече Гренел по средбата со претседателот и со премиерката на Србија, Александар Вучиќ и Ана Брнабиќ.
Гренел рече дека Вучиќ дал визија за тоа што Трамп може да очекува од неговото доаѓање во Србија.
“И крајно време е да се случи тоа. Претседателот Трамп е многу сериозен во врска со тоа. Немам конкретен датум, но тој изрази желба да дојде и едвај чекам да го видам тука”,
рече Гренел.
Вучиќ потврди дека Трамп ја прифатил поканата да ја посети Србија.
“Претседателот Трамп беше љубезен и ја прифати поканата. И јас инсистирав, како вистински Србин, кога ќе почне да инсистира, така што не знае да престане. Останува на него да види кога ќе има време. Разговарав и со Иванка. Тие се занимаваат со ранливи групи, но и со женско претприемништво. ДФЦ има на располагање милијарди. Поддршката за микро, мали и средни претпријатија за нас значи многу повеќе отколку да ни дадете нешто. Немојте да ни дадете … Во приватниот сектор е иднината Тоа е суштината “, рече Вучиќ.
Гренел и Вучиќ, по денешното отворање на канцеларија на Меѓународната финансиска корпорација за развој на САД (ДФЦ) во Белград, оценија дека САД и Србија симболично пратија порака дека се посветени на имплементација на потпишаниот договор за економско нормализирање на односите меѓу Белград и Приштина.
Делегација на американската влада, предводена од извршниот директор на ДФЦ, Адам Белер и специјалниот претставник за дијалог Белград-Приштина, Ричард Гренел, вчера ја посети Приштина, при што беше потпишан економски договор.