„Мислам дека понудата е повеќе од фер и добро е сите во оваа земја да престанат да се преправаат дека се грижат за некои градежни документи и конечно да ги стават работите на свое место“, вели Вучиќ во видеото

Српскиот претседател Александар Вучиќ, во своето најново обраќање преку социјалната мрежа Инстаграм, предложи да се одржи референдум за негова смена.
„Објективниот и непристрасен ЦРТА ја извести јавноста дека огромно мнозинство граѓани се за моја смена. Нема покредибилен извор, ниту за меѓународната заедница ниту за политичките партии во Србија, од оваа невладина организација. Се борев за народот и народот е мојата сила. Доколку се точни овие наводи на ЦРТА, невозможно е да останам претседател на Србија и затоа опозициските партии треба да поднесат само 67 потписи, а имаат над 80, за одржување советодавен референдум за претседателот на Србија“,
вели Вучиќ во својата изјава на Инстаграм.
Според него, легитимноста е најважна работа во политиката, а суверенитетот секогаш произлегува од волјата на народот.
„Мислам дека понудата е повеќе од фер и добро е сите во оваа земја да престанат да се преправаат дека се грижат за некои градежни документи и конечно да ги стават работите на свое место. Спротивно на популарното верување, никогаш не сум бил заинтересиран за владата како таква, ме интересираше и ме интересира само напредокот на Србија. Србија не смее да запре. Да живее Србија“,
додава Вучиќ.
Резултатите од последното истражување на јавното мислење на ЦРТА покажуваат дека дури 61 процент од граѓаните на Србија ги поддржуваат студентските протести и блокади кои следуваа по уривањето на натстрешницата во Нови Сад.
„Оние што не ги поддржуваат протестите се претежно повозрасни или граѓани со основно образование“,
изјави раководителот за истражување на ЦРТА, Воислав Михаиловиќ, пренесува „Нова.рс“.
Најголем дел од српските граѓани (48 отсто) сметаат дека одговорноста за падот на натстрешницата треба да ја сносат релевантните министри, а дури потоа претседателот (39 отсто).
Центарот за истражување, транспарентност и отчетност (ЦРТА) е невладина организација во Србија посветена на зајакнување на демократијата, владеењето на правото и заштитата на човековите права. Основана е со цел да се подобрат политичката одговорност, транспарентноста и ангажманот на граѓаните во политичките процеси.