Од СДСМ реагираа дека опозицискиот лидер и кандидатката за градоначалничка требало да го почнат вечерашниот митинг со едноминутно молчење „за исчените дрва, за изградените бетонски чудовишта од ‘Скопје 2014’, за гласачите од Пустец…“
СДСМ е на власт во Центар цели осум години, ветуваа мораториум на градење, паркови и решавање на сообраќајниот хаос, а она кое центарци го добија е интензивна бетонизација и нула зеленило, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, на вечерашниот митинг во оваа скопска општина, каде што опозициската кандидатка за градоначалничка, Наташа Котлар, оди во вториот круг со кандидатот на владејачката партија Горан Герасимовски.
„Без разлика кој е градоначалник од СДСМ, овие осум години однесувањето им остана исто. Знаете ли каде е вистинскиот проблем со бетонизацијата и урбаната мафија? Тоа што постои пакт на криминалците со пари и нивните луѓе во политиката. Тој пакт раѓа бетон кој за граѓаните значи ограничување на нивната слобода, а за овие другите значи пари“,
рече Мицкоски.

Тој нагласи дека Котлар одбрала да се бори кога многумина се повлекле, како и дека покажала дека општина Центар гласа независно, демантирајќи ги тврдењата дека е упориште на власта.
„Професорката Котлар одбра да се бори, кога, морам да признам. многумина се повлекуваа. Така е и денес за Центар, одбра да се бори кога многумина викаа дека е невозможно да се добие довербата зашто Центар бил упориште на власта. Котлар покажа дека Центар гласа независно од се друго“,
рече Мицкоски.

По опозицискиот митинг во Центар, реагираа од општинската организација на СДСМ, оценувајќи дека „урбана мафија“ е дефиниција за владеењето на ВМРО-ДПМНЕ.
„Мицкоски, заедно со неговата кандидатка Котлар, требаше да го почнат митингот со едноминутно молчење за масакарот што му го нанесоа на Центар. Да молчат за исчените дрва, за изградените бетонски чудовишта од ‘Скопје 2014’, за насилствата врз граѓаните, за гласачите од Пустец, за притисоците, за изгасените лифотви и за што уште не. Центарци уште го паметат теророт на ВМРО-ДПМНЕ а општината ги носи лузните од нивното владеење. Мицкоски и Котлар сериозно се лажат ако мислат дека центарци го заборавиле нивното уништување и дивеење во општината“,
се наведува во реакцијата на СДСМ – Центар.