Причината за бомбардирањето на џамијата сè уште е непозната, а никој не презеде одговорност за нападот, втор за помалку од една недела во Кабул
Најмалку шест лица се ранети во експлозија откако била фрлена бомба во најголемата џамија во густо населена област на авганистанската престолнина Кабул, соопшти локалната полиција, а пренесе Алџезира.
„Ги завршивме молитвите и тргнувавме надвор од џамијата кога се случи експлозијата“,
изјавил верникот Мохамед Јасин за новинската агенција АФП, а пренесе Алџезира.
Портпаролот на полицијата во Кабул, за АФП изјави дека граната била фрлена во џамијата Пул-е-Кисти, а осомничениот бил уапсен на местото на настанот.
Причината за бомбардирањето на џамијата сè уште е непозната, а никој не презеде одговорност за нападот, втор за помалку од една недела во Кабул.
Изминатиот викенд експлозија имаше и на пазарот во Кабул, кога според последните објавени информации, едно лице загина, а 59 беа повредени. За нападот, талибанските власти ги обвинија крадците кои се обиделе да извршат грабеж.