Анкетите предвидуваат исклучително тесна трка меѓу проевропскиот градоначалник на Варшава, Рафал Тшасковски, и националистичкиот историчар Карол Навроцки. Во трката за претседател двајцата кандидати влегоа претставувајќи спротивставени визии за меѓународните односи, безбедносната стратегија и социјалната политика на Полска
Граѓаните на Полска денеска гласаат на вториот круг од претседателските избори. Околу 29 милиони граѓани треба да го изберат новиот претседател на Полска, со мандат од пет години.

Во трката за претседателската функција се проевропскиот градоначалник на Варшава, Рафал Тшасковски (53), и националистичкиот историчар Карол Навроцки (42). Во првиот круг од изборите, Тшасковски освои 30,8 отсто од гласовите, а Навроцки го заврши првиот претседателски круг со освоени 29,1 отсто од гласовите.
Анкетите предвидуваат исклучително тесна трка.
Двајцата кандидати во трката влегоа претставувајќи спротивставени визии за меѓународните односи, безбедносната стратегија и социјалната политика на Полска.
Тшасковски се залага за либерална агенда што ја нагласува важноста на женските права и силните врски со Европската Унија и НАТО, како и реформирање на судските и демократските институции. Десничарот Навроцки, пак, кој се претставува себеси како политички аутсајдер без багаж од минатото, сака Полска да следи пат инспириран од Доналд Трамп и верува дека Вашингтон, а не Брисел, е клучниот сојузник на Варшава.