Во 20 локални самоуправи, нови претседатели на општини веќе беа избрани во првиот круг од изборите на 12 октомври

Во 18 општини во Косово, вклучувајќи го и главниот град Приштина, денеска се одржува втор круг од локалните избори.
По првиот круг од локалните избори во Косово, кој се одржа на 12 октомври, во 18 општини не беа избрани локални власти.
Вториот круг од изборите се одржува во Ѓаковица, Гњилан, Драгаш, Качаник, Клина, Косово Поле, Јужна Митровица, Обилиќ, Ораховац, Пеќ, Приштина, Призрен, Сува Река, Витина, Вучитрн, Јуник, Мамуша и Клокот.
Портпаролот на Централната изборна комисија, Ваљмир Елџези, на првата прес-конференција по повод вториот круг од локалните избори, истакна дека гласачките места се отворени на време на сите 18 места.
Според избирачкиот список, бројот на граѓани со право на глас е 1 316 672, распределени во 18 општини.
„Покрај организирањето на гласањето на редовните избирачки места, ЦИК ќе организира и гласање преку мобилни тимови за 2 541 гласачи со посебни потреби, кои се регистрирани и идентификувани однапред“,
рече Елџези.
Во главниот град Приштина на гласање во вториот круг одат досегашниот градоначалник Парпарим Рама од Демократски сојуз на Косово и Хајрула Чеку од владејачкото движење „Самоопределување“, кој е и министер за култура.
И во вториот круг, право на глас имаат гласачите од дијаспората, кои се регистрирале да гласаат на изборите во оние општини каде што се одржува.
Избирачкиот список е ажуриран во споредба со првиот круг – дополнет со имињата на 1 690 гласачи кои станале полнолетни од 13 октомври до 9 ноември и со тоа стекнале право на глас, додека околу 1 150 лица кои се откажале од косовското државјанство или починале од почетокот на септември до последната недела од октомври се отстранети од списокот.
Во 20 локални самоуправи, нови претседатели на општини веќе беа избрани во првиот круг од изборите на 12 октомври.
Косовското обвинителство во петокот објави дека ќе распореди 80 обвинители од целата земја во општините каде што се гласа денеска, со цел да се преземат адекватни и навремени мерки во случај на неправилности во изборниот процес.
„Обвинителите се сместени во своите канцеларии во градовите каде што има основни обвинителства, додека на местата каде што обвинителството нема објект, обвинителите ќе бидат сместени во полициски станици, каде што во соработка со истражителите на косовската полиција ќе ја штитат слободната волја на граѓаните“,
се вели во соопштението.
Косовската полиција, исто така, соопшти дека вовела посебен оперативен план за спроведување на вториот круг од изборите, во рамките на кој на терен се распоредени дополнителни полициски службеници и координатори и се спроведени дополнителни обуки за да се обезбеди мирно одвивање на изборниот процес.
