Земјоделците од Овчеполието втор ден протестираат барајќи доволно вода за наводнување на земјоделските површини. Поддршка добија од Националната мрежа за земјоделци. Од Министерството за земјоделство велат дека активно работат на решение за проблемот
Втор ден протест на земјоделците од Овчеполскиот регион, кои бараат да добијат вода во доволни количини за наводнување на своите земјоделски култури. Поддршка добија од Националната мрежа за земјоделци.
Ѓорѓи Каракашев од Националната мрежа за земјоделци вели дека протестот на овчеполските земјоделци е оправдан и смета дека она што се случува е срам за Владата и за Водостопанство „Брегалница“.

„Нема никаква одговорност и се поигруваат со човечки судбини. Ние сериозно ќе се зафатиме со решавање на овој проблем, ако треба ќе ги радикализираме протестите и ќе одиме до крај, а ќе ја информираме и канцеларијата на ЕУ“,
вели Каракашев.
Земјоделците побараа да се ослободат од плаќање водарина, бидејќи нема доволен доток и притисок за да ги наводнат своите ниви со пченка, детелина, лозја, градинарски култури.
Надлежните од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство денеска во писменото соопштение нагласуваат дека активно работат на обезбедување дополнителни количини вода за Светиниколско. Вработените од подружницата на АД „Водостопанство“, заедно со локалните канцеларии на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, веќе одреден период се на терен на разговори со земјоделците, при што заеднички со нив се подготвува планот за наводнување за оваа сезона. Планот предвидува вода до секоја обработлива површина и правилен распоред за наводнување.
„Преку програмите на Министерството фокусирани сме на два клучни проекти за целосно решавање на наводнувањето во Свети Николе, првиот се однесува на реконструкција на десниот магистрален канал и санации на главниот цевковод во реонот на Истибања, кој ќе обезбеди доволни количини вода за Свети Николе и сите општини и населени места со кои управува светиниколската подружница на АД „Водостопанство“, вториот се однесува на целосна реконструкција на цевководот кој доаѓа од акумулацијата Мавровица, со што комплетно се обезбедува наводнување на површини од над 3 000 хектари земјоделска обработлива површина од Овчеполието,“
велат од МЗШВ.
Од Министерството потсетуваат дека со програмата за водостопанство и програмата за рурален развој се обезбедуваат средства за зголемување на протокот на вода од цевководот Калиманци сѐ до последните обработливи површини во Светиниколско.