Нема таков случај во Европа, каде што Влада, без консензус со опозицијата, турка попис, што е јасен показател дека власта нема чесни намери, посочиле македонските опозиционери на средба со пратеници на Фидес
Граѓаните на Македонија премногу долго чекаат на забележителен напредок на патот кон ЕУ, а сето тоа, покрај евидентираниот недостиг на реформи, лош стандард и недостиг на правда, е отежнато и со ветото од Бугарија. Друг значаен проблем е катастрофата што се случува во економијата и исклучително високиот степен на корупција која поминува неказнето, што е една од кочниците за напредок на државата на патот кон ЕУ.
Ова, како што соопштија денеска од ВМРО-ДПМНЕ го изјавил партискиот лидер Христијан Мицкоски во Будимпешта, каде што, по вчерашната средба со унгарскиот премиер Виктор Орбан, остварил и работен ручек со Кретседателот на комитетот за надворешни работи на парламентот на Унгарија Золт Немет и пратеникот на Фидес Габор Домос.
Немет, како што посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ е и еден од основачите на сестринската партија на ВМРО-ДПМНЕ, унгарската Фидес, во два наврати државен секретар за надворешни работи, актуелен пратеник и шеф на делегацијата на Унгарија во Советот на Европа.

На средбата се разговарало за актуелните предизвици на државата на патот кон ЕУ, парламентарната соработка на ниво на сестринските партии, како и актуелната здравствена и економска криза.
Мицкоски, како што се соопштува, изрази загриженост од лошата економска состојба и рецесијата во која се наоѓа нашата земја.
Потпретседателот на ВМРО ДПМНЕ Александар Николоски, во делот на работата на парламентот, се пожалил на злоупотреби во повеќе сфери, како и за законите со европско знаменце, посочувајќи дека тоа е како начин да се замолчи опозицијата и без консензус да се протуркаат клучни законски решенија, како што е законот за попис.
Николоски истакнал дека се одбиени сите, како што рекол, конструктивни предлози на ВМРО ДПМНЕ врзани за пописот.
„Нема таков случај во Европа, каде што Влада, без консензус со опозицијата, турка попис, што е јасен показател дека власта нема чесни намери. ВМРО ДПМНЕ е за објективен попис кој треба да се спроведе согласно професионалните стандарди применети во напредните европски државни“,
истакнал Николоски.
На средбата биле констатирани добрите односи помеѓу двете сестрински партии, како и можноста тие дополнително да се продлабочат. Мицкоски се заблагодарил за досегашната поддршка и побара од унгарските пријатели да ги искористат своите позиции за поддршка на европските интеграции на државата.