„Предложените измени се засноваат на уставните и законските начела за јавност на судството, највисоките меѓународни правни норми интегрирани во домашното законодавство, принципите на Европската конвенција за заштита на човековите права и стандардите на Европскиот суд за човековите права, меѓународните документи од областа на судството и заложбите и активностите на Советот за отворено судство“, рече претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми образложувајќи ги измените
Во Врховниот суд денеска попладне се одржа Општа седница со единствена точка на дневен ред – предлог за изменување и дополнување на Деловникот за работа на Врховниот суд на Република Северна Македонија.

Предлагач на измените беше претседателката на највисокиот суд во државата, Беса Адеми, која оцени дека станува збор за многу значаен чекор во насока на унапредување на транспареноста и угледот на Судот и воопшто на судството во земјава.
Имено, со измените на Деловникот за работа на Врховниот суд, кои едногласно беа усвоени денеска, општите седници на овој Суд се отвораат за јавноста и медиумите.
Ова значи дека на нив ќе можат да присуствуваат заинтересирани граѓани за некоја од иницијативите кои се разгледуваат на општите седници, било да се работи за лица од стручната фела или други засегнати. Она што е важно за медиумите е дека на нив ќе може да присуствуваат и новинари и да ги следат и известуваат од овие седници.
За појаснување, на општитите седници учествувуваат сите судии на Врховниот суд и на нив се утврдуваат начелни ставови и начелни правни мислења по прашања од значење за обезбедување на единството со примената на законите од страна на судовите.
Инаку, и актуелниот Деловник на Врховниот суд овозможуваше присуство на медиумите или јавните гласила, како што е наведено во него, ако на седницата се расправаат прашања од пошироко правно значење кои се од интерес за јавноста.
Клучните измени, условно кажано, се во членот 46 од Деловникот на Врховниот суд, чиј прв став со измените што денеска беа донесени гласи:
„Општите и проширените општи седници на Врховниот суд на Република Северна Македонија се јавни“.
Останатите четири става од овој член сега гласат:
- За одржувањето и за дневниот ред на општите седници јавноста се информира преку преку соопштение на веб-страницата на судот и известување до средствата за јавно информирање.
- Јавноста во работата на Општата седница се обезбедува и со присуство на претставници на средствата за јавно информирање.
- Јавноста на Општата седница може да биде исклучена во случаи утврдени со закон.
- Одлука за исклучување на јавноста донесува Општата седница со мнозинство гласови од присутниот број судии.
Исто така , со измените во членот 54 се додава нов став 2 кој гласи: „Гласањето на Општата и на проширената Општа седница се врши без присуство на јавноста“, а во членот 75, по зборовите „се обезбедува со“ се додаваат зборовите „јавност на Општата седница“.

Инаку, членот 54 досега одредуваше дека „гласањето на Општата седница е јавно, а тајно кога за тоа ќе одлучи Општата седница по предлог на член на Општата седница.


Членот 75 кој сега се менува и дополнува, во својата досегашна формулација велеше дека „јавноста во работењето се обезбедува со објавување на одлуки на Судот и поважни податоци во врска со работењето на Судот на веб-страницата, со доставување на службено соопштение преку средствата за јавно информирање, одржување конференции за медиумите, како и со издавање на билтени и на друг начин“.

Претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, во образложението на измените и дополнувањата на Деловникот се повика на одредбите од Уставот на државата, Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи и праксата на Европскиот суд за човекови права.
„Целта на предложените измени на Деловникот за работа на Врховниот суд на Република Северна Македонија е да се унапреди транспаретноста на Општата седница на Врховниот суд во насока на заложбите за отворено судство и воедно да се применат европските стандарди во делот на јавноста и отчетноста“,
рече Адеми на седницата.
Воедно, како што посочи таа, измените на Деловникот ќе придонесат за јакнење на јавната доверба и угледот на судството и на Варховниот суд како највисок суд во државата.
„Со предложените измени се предвидува јавност во работата на Општата седница и остварување на јавноста во работењето на судот преку нормативна новина која ќе ја унапреди и соработката и комуникацијата на Врховниот суд на Република Северна Македонија со медиумската заедница и со пошироката заинтересирана јавност. Предложените измени се засноваат на уставните и законските начела за јавност на судството, највисоките меѓународни правни норми интегрирани во домашното законодавство, принципите на Европската конвенција за заштита на човековите права и стандардите на Европскиот суд за човековите права, меѓународните документи од областа на судството и заложбите и активностите на Советот за отворено судство“,
наведе Адеми во образложението.

На седницата се водеше дискусија која главно беше фокусирана на детали околу тоа дали да се вметне уставната норма за исклучување на јавноста кога тоа е пропишано со закон, конкретно ставот пет од членот 46, или тоа дополнително да се разработи во процедурите за работа на Судот.
Закучокот по ова прашање беше дека е потребно да стои уставната норма за исклучување на јавноста, односно како што пропишува Уставот, јавноста да биде исклучена во случаи утврдени со закон.
Судијата Џемали Саити рече дека јавноста има големо значење за Врховниот суд и оти е добро што општите седници на Врховнито суд ќе бидат јавни.
На тоа се надоврза и судијката Мирјана Лазарова-Трајковска која истакна дека измените се во согласност со Европската конвенција за човекови права.
„Мислам дека предложените измени се значајни и одат во линија на подборување на транспаретноста на Судот и го подобруваат и Деловникот“,
рече Лазарова-Трајковска.
И останатите 11 судии, присутни на денешната општа седница, заедно со претседателката Адеми, ги поддржа аргументите и предлогот и едногласно ги усвоија измените на Деловникот.
Инаку, со нив освен што се дава правен основ општите седници да се отворат за јавноста, се овозможува во перидот што следи да се обезбеди и соодветна аудио-визуелна опрема и донесување процедури за работа во делот на комуникација со јавноста, а особено со новинарите.
На седницата Адеми најави дека ќе има донација за набавка на нова опрема, која ќе ја замени старата.