Во пресудата на судот се наведува дека Родригез ќе ги преземе „должностите претседател со цел да се гарантира административен континуитет и сеопфатна одбрана на нацијата“

Врховниот суд на Венецуела ѝ наложи на потпретседателката Делси Родригез да ја преземе улогата вршител на должноста претседател во отсуство на Николас Мадуро, кој беше уапсен во операција на американските сили.
Во пресудата на судот се наведува дека Родригез ќе ги преземе „должностите претседател со цел да се гарантира административен континуитет и сеопфатна одбрана на нацијата“.
Според пишувањата на Ројтерс, во пресудата се додава дека судот ќе го разгледа прашањето за да „ја утврди применливата правна рамка за да се гарантира континуитетот на државата, управувањето со владата и одбраната на суверенитетот во присилно отсуство на претседателот на Републиката“.
Делси Родригез вчера изјави дека Николас Мадуро е единствениот претседател на Венецуела, откако американскиот претседател Доналд Трамп рече оти таа положила заклетва штом Мадуро бил одведен од земјата во американска воена операција.
Родригез разговараше на државната телевизија во Каракас со својот брат, претседателот на Националното собрание, Хорхе Родригез, министерот за внатрешни работи Диосдадо Кабело и министрите за надворешни работи и за одбрана.
Родригез повика на мир и единство во одбраната на земјата по заробувањето на Мадуро и рече дека Венецуела никогаш нема да биде колонија на која било нација.
Трамп изјави дека САД ќе ја водат Венецуела до „безбедното“ предавање на власта.
